Скопје општина карпош

Наскоро се отвара центар за дневен престој на лица со попреченост

Наскоро се отвара центар за дневен престој на лица со попреченост

Според работната динамика, во завршна фаза се одвиваат активностите за наскоро отворање на Центарот за дневен престој на лицата со попреченост, кој ќе биде стациониран во населбата Козле во скопски Карпош. Станува збор за дневен центар кој ќе нуди инклузивно и функционално опкружување, каде што лицата со попреченост ќе добијат стручна грижа, психосоцијална поддршка, социјализација и развој на животни вештини. Инаку, овој центар е резултат на заедничката соработка помеѓу Здружението за здрав раст и развој – „Неуроклиник“, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Светска банка и Општина Карпош.

Овој проект претставува значаен чекор кон унапредување на системот за поддршка и грижа на лицата со попреченост, изграден врз основа на стручност, партнерство и заедничка визија. На иницијативата и претходеше договор за меѓусебна соработка кој го потпишаа локалната самоуправа и „Неуроклиник“, во мај минатата година. Дневниот центар е во фаза на лиценцирање, по чие завршување ќе следува и информација до јавноста за неговото официјално отворање. Во таа насока, проектот претставува вистински исчекор кон едно хумано општество, кое ги препознава и воедно одговара на потребите на граѓаните од сите социјални категории.

Дневниот центар се наоѓа на улица Јуриј Гагарин бр. 60 1/1, а за сите дополнителни информации и интерес за вклучување, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 078 336 537 или на мејл адресата: [email protected].

To top