На воeна писта во југоисточна Шпанија, речиси незабележано, но со силна симболика, се случи важен момент за иднината на монархијата. Наследничката на шпанскиот престол, Леонор од Астурија успешно го изведе својот прв самостоен лет, правејќи значаен чекор во својата воена обука и личен развој, пишуваат шпанските медиуми.
Како што соопшти шпанската кралска куќа денеска, летот бил реализиран на 18 декември 2025 година, во Воздухопловната академија во Сантијаго де ла Рибера, во областа Мурсија. Принцезата управувала со авион целосно сама, додека инструктор ја следел со друго летало – што е стандардна процедура што потврдува дека кадетот ги совладал клучните вештини и безбедносни протоколи. Таа управувала со современиот тренажен авион „Пилатус ПЦ-21“ (Pilatus PC-21).
Иако често во јавноста се нарекува бомбардер, станува збор за напреден тренажен авион којшто овозможува симулација на сложени борбени мисии. Во рамки на интензивната обука, принцезата Леонор минала низ програми што вклучуваат формациско летање, симулирани воздушни борби, напредна инструментална навигација и тактички маневри – знаења неопходни за нејзината идна улога како врховен командант на вооружените сили.
Принцезата Леонор се приклучи на Воздухопловната академија на 1 септември 2025 година како кадет со чин потпоручник, следејќи забрзана програма во којашто тригодишното школување е збиено во една година. Овој лет е дел од поширока, внимателно осмислена воена обука што ги опфаќа сите три рода на војската.
Претходно, во 2023., принцезата Леонор ја заврши обуката на копнената војска во Сарагоса, а во 2024 година продолжи во поморската академија во Марин, каде што учествуваше и на шестмесечно патување со школскиот брод „Хуан Себастијан де Елкано“ (Juan Sebastián de Elcano). Нејзиниот пат ја следи и семејната традиција – и нејзиниот татко, кралот Фелипе VI е обучен воен пилот, што дополнително ја засилува симболиката на овој момент. (МИА)