Македонската фудбалска репрезентација не успеа да избори финале бараж за Светското првенство по поразот од Данска, а потоа одигра нерешено во дуелот со Република Ирска. Двата натпревара нашиот тим ги играше на гости.
Претседателот на ФФМ нагласи дека репрезентацијата не е само резултат, туку има и поголеми вредности.
„Едно поглавје останува зад нас, сега сме пред нов предизвик.
Македонската репрезентација не е само резултат. Тоа е чувство, припадност и гордост. Затоа, кога победуваме, да останеме приземни, а кога губиме, да останеме силни.
Вредноста на оваа репрезентација не смее да зависи од еден резултат. Ова е наше.
И кога победуваме и кога губиме.
Поддршката не е аплауз само за победа, туку карактер во пораз.
Ние, како федерација создаваме услови во кои селекторот и фудбалерите имаат фокус да работат. Ќе направиме сè што треба, за тие да мислат само на играта, а ние на нив.
Останува најважното, да бидеме заедно.
Затоа што ова не е само тим. Ова сме ние.“
По завршувањето на овој циклус за нашиот национален тим официјални натпревари ќе следуваат во септември годинава, кога се играат натпреварите од Лига на Нации – сегмент Б, каде македонската репрезентација за првпат ќе настапи. (МИА)