Училиштето било информирано за семејното насилство во домот на првачето Катја уште на почетокот на учебната година, сведочеше нејзината класна наставничка на денешното судско рочиште во Основниот кривичен суд. Пред судот, таа детално го опиша однесувањето на Катја, контактите со нејзината мајка Ивана и таткото Стојанче, како и настаните кои му претходеле на 2 март, денот кога мајката Ивана се самоуби заедно со шестгодишната ќерка Катја скокајќи од стан во скопската населба Тафталиџе.
Наставничката посочи дека првите информации за проблемите во семејството ги добила на првата родителска средба во септември, на која присуствувала бабата на девојчето.
– Јас ѝ бев наставничка на Катја, таа беше прваче кога во септември ги прифативме првачињата. Катја и Ивана ги запознав на првиот училишен ден, при прием немаме контакти со родителите, но во првата седмица веднаш на 3 септември имавме родителска средба каде ги запознаваме родителите со програмата која што ќе се работи. На родителите им даваме одредени обрасци, формулари кои треба да ги пополнат. На оваа родителска средба родителите на Катја не беа присутни, туку присутна беше мајката на Ивана. По завршувањето на родителската јас ја прашав зошто не се родителите на Катја присутни, таа почна да плаче и ми рече дека Ивана не била во состојба да дојде, бидејќи во семејството се случува семејно насилство од страна на таткото на Катја, но формуларите рече дека ќе ѝ ги даде на Ивана да ги пополни – истакна наставничката.
За случајот веднаш бил известен училишниот психолог, кој дал насоки да се следи состојбата на ученичката. Алармот кај наставниот кадар дополнително се вклучил кога за време на детска игра, Катја рефлектирала сцени на насилство од нејзиниот дом, по што психологот извршил разговор со девојчето и со нејзината мајка.
– Разговарав со училишниот психолог во нашето училиште, по што ми даде насоки да ја следиме ученичката. По неколку дена во училницата девојчињата играа ирга и при таа игра забележав дека Катја падна на подот и ги прашав дали играат некоја игра во вид на драматизација на некоја приказна, Катја рече дека кога татко ѝ ја удирал мајка ѝ така таа паѓала. Веднаш го известив психологот на училиштето и психологот разговараше со Катја. Катја кажала дека нејзините родители се разделени и дека таа е со мајката. Психологот ја повика и Ивана, мислам дека беше 16 септември и психологот ми рече дека ѝ било укажано на Ивана каде да се обрати при семејно насилство и ми рече да внимаваме на Катја, појасни сведокот.
Во следниот период, според сведочењето, девојчето не покажувало знаци на вознемиреност или потиштеност. Според наставничката, Катја најчесто била земана од училиште од мајката или од бабата, а никогаш од таткото. Сепак, тој во една пригода влегол во училницата, а во друга ситуација дошол нервозен барајќи контакт од родител на друго дете.
– Сѐ изгледаше понатаму дека е во ред. На почетокот кога ја учиме темата кој сум јас и моето семејство, Катја ја црташе само мајката на цртежите, кога ја прашав зошто само мајката, рече „јас сум со мама“. Во текот на месеците Катја се однесуваше како и сите други деца, не покажуваше потиштеност, не покажуваше вознемиреност или затвореност, беше отворена со сите ученици, изгледаше среќно, другаруваше со сите и не помисливме дека нешто се случува во семејството. Нејзините цртежи, еве како наставник, кажувам дека беа ведри, со убави бои, лицата на луѓето што ги црташе беа насмеани, сонцето насмеано. Мислам дека беше октомври на крајот, во училница влезе татко ѝ на Катја, на што реков дека не е дозволено родители да влегуваат во училница, тој се претстави рече дека татко на Катја. Катја кога го виде се израдува, го поведе кон шкавчињата каде што стоеја работите на Катја, нејзиното катче беше уредно. По неколку минути влезе и Ивана и заедно си заминаа. Така беше сѐ до пред Нова Година ми се чини, раскажа наставничката, додавајќи:
– Катја најчесто ја носеше мајка ѝ на Ивана и Ивана, ниту еднаш таткото на Катја. Еднаш ми пиша порака дека ќе ја земе брат ѝ на Ивана, односно вујкото на Катја. Уште еднаш дојде на училиште нервозен, бараше број од родител од еден ученик за кој рече дека ја задевал Катја. Советот мој беше дека тие се деца и дека ние ќе ги решиме работите на училиште и дека имаме механизми како да ги решиме проблемите, дека тоа се деца и секојдневни проблеми, вели наставничката.
Состојбата се променила пред новогодишните празници кога бабата Љубица го информирала училиштето дека Ивана се вратила кај таткото на Катја, изразувајќи загриженост за нивната безбедност.
– Пред Нова Година таа ми кажа дека Ивана се вратила кај таткото на Катја и рече дека е загрижена за состојбата. Следуваше Нова Година, а потоа и распуст на учениците. Во првата недела од второто полугодие имавме родителска средба на која ги информираме родителите за постигнатиот успех на учениците и за тоа што следува. На родителската средба дојде Ивана и за брзо си замина од родителската средба. Имав намера да разговарам со нејзе, но таа замина веднаш по завршувањето на родителската. Еднаш за земање од училиште Ивана дојде со еден човек, не знаев кој е тој човек. Го спомнувам тој човек бидејќи дошол сам еднаш да ја земе Катја од училиште и колешката се јавила на Ивана за да ја праша дали да ја пушти Катја, на што Ивана рекла дека е блиску до училиштето и дека ќе дојде да ја земе. По што дошла Ивана заедно со таткото на Катја и тројцата заминале – посведочи наставничката.
Во однос на кобниот 2 март, наставничката детално го опиша последното доаѓање на Катја на настава, сведочејќи дека девојчето тој ден било среќно, а наставата ја напуштило по завршувањето на часот по физичко образование, кога било земено од нејзината мајка.
– На 2 март, понеделник, бев прва смена. На училиште Катја ја донесе баба ѝ, мајката на Ивана, го носеше ранецот. Влезе во училница го предаде ранецот. Учениците се испогушкаа со Катја, многу ја сакаа, ги наместија работите во шкафчињата, беше денот убав, излеговме во дворот, на што забележав дека Катја не ја носи ученичката униформа, па ја прашав каде ѝ е, рече дека не знае. Забележав дека носи елек и блуза, кои беа нови и стоеја етикетите на нив. Рече вчера бевме на шопинг со мама, беше многу среќна. Во 12 часот направивме примопредавање со колешката, јас си заминав, а колешката ми се јави некаде околу 20 часот вечерта вознемирена затоа што една од родителите ѝ се јавила и ѝ рекла дека Катја и мајка ѝ се мртви. Секој ден се слушавме со колешката во смисла на тоа како поминал денот, таа ми кажа дека Ивана и се јавила околу 11.30 часот и ѝ рекла дека тој ден од училиште ќе ја земе нејзината мајка, но подоцна околу 13.30 часот Ивана била во училиштето, а учениците биле надвор на физичко, по завршувањето на часот физичко, Ивана ја земала Катја од училиште – заврши сведокот. (МИА)