Свет

Силно невреме во Италија: Се урна мост на пат, поплави во повеќе региони

Силно невреме ги погоди централна и јужна Италија, предизвикувајќи поплави, свлечишта и уривање на мост на државниот пат „Адријатика 16“, додека одредени области останаа без вода и струја.

Силно невреме во Италија: Се урна мост на пат, поплави во повеќе региони

Силно невреме ги погоди централна и јужна Италија, предизвикувајќи поплави, свлечишта и уривање на мост на државниот пат „Адријатика 16“, додека одредени области останаа без вода и струја.

Мостот преку реката Трињо се урна во регионот Молизе, во близина на местото Монтенеро ди Бизача, откако патот претходно беше затворен поради излевање на реката, пренесе Анса. Со ова, патните врски со регионот Абруцо се речиси прекинати.

Во регионот Абруцо, во провинцијата Пескара, болницата во местото Пене остана без директно снабдување со вода поради пукање на водоводот, па водоснабдувањето привремено е обезбедено со цистерни. Недостиг на вода е пријавен и во повеќе околни општини.

Во регионот Апулија, обилните дождови доведоа до нагол раст на нивото на водата во браната кај местото Карлантино, додека поплавите зафатија куќи и патишта. По излевањето на реката Церваро, пожарникарите во областа Фоџа спасија повеќе од 50 возачи и околу 40 луѓе од селски куќи и викендички. Поради пораст на водостојот на реката Офанто, затворени се патиштата во близина на римскиот мост кај местото Каноза ди Пуља.

Во регионот Молизе, пожарникари од повеќе италијански градови се распоредени за да им помогнат на локалните екипи во спасувачките операции по излевањето на реката, која ги поплави патиштата и индустриските зони.

Невремето предизвика проблеми и во регионот Базиликата, каде што во местото Рапола три семејства се евакуирани по уривање на потпорен ѕид, додека пожарникарите интервенираат и поради лизгање на земјиштето и поплави во областа Метапонто.

Обилни врнежи во погодените подрачја се очекуваат и во текот на денот, а локалните власти го повикуваат населението да го ограничи движењето.

To top