Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги спроведе вонреден програмски надзор врз Вториот телевизиски канал на Јавниот радиодифузен сервис врз музичката
програма „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“ емитувана на 28 март 2026 година. Извештајот од надзорот е објавен на веб страницата на Агенцијата на следниов линк.
Констатациите од надзорот се дека со изведбата на песната „Албански територии (Trojet Shqiptare)“ се поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии. Девојчето кое ја пееше песната „Албански територии (Trojet Shqiptare)“, беше облечено во маица на која на предната страна беше прикажана јасна илустрација на картата на т.н. „Голема Албанија“ која вклучува територии на Албанија, Црна Гора, Македонија, Србија, Косово и Грција, на која е претставена територија на која живеат или живееле етнички Албанци, а на задната страна на маичката на албански јазик беа испишани зборовите „1 GJUHË, 1 KOMB, 1 GJAK“ („Еден јазик, еден народ, една крв“). Исто така, во текот на сценскиот настап, изведувачката на песната и двете танчерки неколку пати со рацете покажуваа симбол на двоглав орел. Дополнително, текстот на песната содржеше пораки кои повикуваат на експанзионизам и територијално обединување на земји и градови од регионот, вклучувајќи територии на Република Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора.
При надзорот Агенцијата ги примени критериумите од Водичот за мониторинг на говорот на омраза, стандардите од Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права (случаите Рој ТВ против Данска и Зана против Турција). Притоа беше утврдено дека ограничувањето на ваквиот вид изразување е пропишано со закон, има легитимна цел (заштита на националната безбедност, јавниот ред и правата на другите) и е неопходно во едно демократско општество.
Прикажувањето вакви содржини во програма наменета за најмладата публика, претставува обид за индоктринација со идеи кои се во директна спротивност со духот на соживотот и толеранцијата во нашето мултиетничко општество, а пренесувањето на пораките преку деца претставува нивна груба злоупотреба за политички цели, нотираат од АВМУ.
Фактот што спорните кадри и пораки поминале низ уредничкиот филтер на МРТ2 без да бидат отстранети, укажува на сериозен и системски пропуст во планирањето и уредувањето на програмата, потенцираат од АВМУ.
Агенцијата потсетува дека Јавниот радиодифузен сервис има посебна одговорност да не дозволи злоупотреба на програмата за промоција на идеи кои го негираат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, и за поттикнување на културна, етничка, религиозна, полова, расна, национална или други форми на нетолеранција, како и дека МРТ е должна да обезбеди целосна заштита на малолетните лица во своите програми.