Италија не дозволи слетување американски воени авиони во воздухопловната база Сигонела на Сицилија, објави „Кориере дела сера“ повикувајќи се на неименувани извори.
Италијанскиот дневен весник наведе дека американските бомбардери требало да слетаат во база во источна Сицилија пред да го продолжат летот кон Блискиот Исток.
На американските авиони не им било дозволено слетување бидејќи САД не побарале официјално одобрение, ниту се консултирале со италијанското воено раководство, што е потребно според договорите што го регулираат користењето на американските воени објекти во Италија.
Италијанското Министерство за одбрана сè уште не ги коментира наводите на „Кориере дела сера“.
Опозициските партии од левиот центар ја повикаа владата да го блокира користењето на американските бази во Италија за да се избегне вовлекување на земјата во конфликт. Централнодесничарската влада на премиерката Џорџа Мелони претходно објави дека ќе побара одобрение од парламентот доколку бидат поднесени такви барања.
Вчера, Шпанија го затвори својот воздушен простор за американски авиони што учествуваат во нападите врз Иран.