Поранешниот победник на њујоршкиот маратон, Кениецот Корир, е суспендиран пет години поради допинг, објави денеска Агенцијата за интегритет на атлетските спортови за најновиот скандал што го наруши угледот на кениската атлетика.
Триесетидвегодишниот Корир бил позитивен на супстанцијата CERA, модерна верзија на еритропоетин (EPO), во три примероци земени во Кенија во текот на октомври минатата година, додека се подготвувал да настапи на маратонот во Њујорк, каде победи во 2021 година.
Во образложението на одлуката се наведува дека три позитивни тестови претставуваат јасен доказ за повеќекратна употреба на забранета супстанција, што се третира како отежнувачка околност.
Поради ова, сите негови резултати од октомври ќе бидат поништени, вклучително и третото место освоено на минатогодишниот маратон во Њујорк.