Регион Косово

Курти најави дека ќе разговара со опозицијата за избор на претседател на Косово

Потребни ни се помеѓу 84 и 86 пратеници за да бидеме сигурни дека можеме да го избереме претседателот“, изјави Курти.

Курти најави дека ќе разговара со опозицијата за избор на претседател на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти денеска најави дека ќе ги покани лидерите на опозициските партии на разговор во парламентот за избор на претседател на Косово.

Тој рече дека верува оти е потребно да се обезбеди присуство на најмалку 84 пратеници за Собранието да избере нов претседател на Косово.

„Ќе ги повикам претседателите на опозициските партии за да видиме како можеме да го достигнеме бројот од најмалку 80 пратеници и повторувам – не верувам дека е добро да имаме само 80 или 81 пратеник. Потребни ни се помеѓу 84 и 86 пратеници за да бидеме сигурни дека можеме да го избереме претседателот“, изјави Курти пред новинарите во Приштина по седницата на владата.

Уставниот суд на Косово пред пет дена донесе пресуда со која му дава на Собранието 34 дена да избере нов претседател на Косово.

Доколку претседателот не биде избран во тој рок, парламентот ќе биде распуштен и вонредни парламентарни избори ќе се одржат во рок од 45 дена, односно до 7 јуни.

Претседателот на Косово се избира со двотретинско мнозинство гласови во првите два круга гласање или со 61 глас во третиот круг, но за одржување на седницата потребно е присуство на 80 пратеници во салата.

Петгодишниот мандат на сегашната претседателка Вјоса Османи истекува на 5 април.

Османи изрази подготвеност за уште еден мандат, но не беше номинирана за функцијата.(МИА)

To top