Од почетокот на војната во Украина во март 2022 година до денес турската армија пресретнала вкупно 275 сомнителни објекти во водите на Црното Море, вклучително подводни мини, беспилотни летала и поморски дронови.
Во писменото соопштение на турското Министерство за одбрана се појаснува дека од 2022 година турската воена морнарица континуирано спроведува извидувачки, надзорни и патролни мисии со цел откривање и неутрализирање сомнителни објекти, во рамки на обврските кон противминската поморска група „MCM BLACK SEA“, во која учествуваат и Бугарија и Романија.
„За заштита на зоните под наша јурисдикција во Црното Море распоредени се две фрегати, една подморница, еден патролен брод, еден поморски патролен авион, еден хеликоптер и едно беспилотно летало. За активности поврзани со откривање мини, на располагање се два миночистачи, еден брз напаѓачки чамец, три хеликоптери и едно беспилотно летало“, се наведува во соопштението.
Од Министерството додаваат дека во досегашните операции турските поморски сили реализирале вкупно 28.150 часа на отворено море, а поморските патролни авиони, хеликоптери и беспилотни летала реализирале 1.554 летови со вкупно 7.711 часа налет.