Свет ватикан

Папата Лав Четиринаесетти: Богатството не се чува, туку се дели со сиромашните

Папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика жителите на Монако, за време на еднодневната посета на оваа микродржава без даноци, позната како прибежиште за милијардери, да го споделат своето богатство и да им помогнат на оние на кои им е потребна помош.

Во обраќањето во официјалната резиденција на принцот Албер Втори од Монако – тврдина од 12. век со раскошни апартмани – папата ги повика жителите на кнежевството да го „стават својот просперитет во служба на правото и правдата“.

– Во Божјите очи ништо не се добива залудно. Секое добро што ни е доверено… носи суштинска потреба да не се задржи, туку да се сподели, за животот на сите да биде подобар –  изјави папата.

Папата Лав Четиринаесетти е првиот поглавар на Римокатоличката црква по речиси пет века кој го посетил богатото медитеранско кнежевство. Во Монако пристигна по деведесетминутен лет со хеликоптер од Ватикан, каде што најпрво се сретна со принцот Албер Втори, шеф на државата и син на покојната холивудска ѕвезда Грејс Кели.

Со својот официјален подарок, папата ја повтори пораката дека богатите треба да им помагаат на помалку среќните, подарувајќи му на принцот уметничко дело изработено во ватиканското студио за мозаици – претстава на свети Франциск Асишки, син на богат италијански трговец од 13 век, кој се откажал од наследството за да им помогне на сиромашните.

Монако, втората најмала држава во светот по Ватикан и една од ретките земји каде што католицизмот е државна религија, има највисока концентрација на милијардери по глава на жител. Ова е само втора посета на папата Лав XIV надвор од Италија од неговиот избор, а најавено е дека во април ќе посети четири африкански земји, како и Шпанија во јуни.

To top