По повод Светскиот ден на театарот, Општина Кисела Вода денеска организираше театарска претстава наменета за првачиња од основните училишта од овој дел на градот. Настанот се одржа во Домот на културата „Билјана Беличанец“, каде пред најмладите ученици беше изведена претставата „Авантурите на Рудолф и Елф“ во изведба на актерската екипа од „Театар за тебе“.
Целта на овој настан е да се доближи театарската уметност до децата и да се придонесе кон градење на нивните културни навики од најрана возраст. На претставата присуствуваше и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која ја истакна важноста на ваквите настани за најмладите и упати честитка по повод денешниот празник.
-Сакавме преку денешниот настан на првачињата да им овозможиме директна средба со уметноста, бидејќи сметаме дека културните навики се градат од најрана возраст. Театарот е одличен начин за едукација и развој на детската фантазија. Општина Кисела Вода ќе продолжи посветено да реализира проекти кои го збогатуваат културниот живот и им нудат квалитетни содржини на децата. Воедно, на сите актери, театарски работници и љубители на уметноста им го честитам Светскиот ден на театарот- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.