Странските туристи минатата година во Албанија потрошиле 5,72 милијарди евра, што е зголемување за 15 отсто, споредено со претходната година.
Податоците на Централна банка на Албанија покажуваат дека највисокото ниво на трошоци е забележано во екот на туристичката сезона, во третиот квартал од годината, кога достигнало 2,3 милијарди евра, во споредба со 1,9 милијарди евра во истиот период претходната година.
Како што претходно објави Институтот за статистика, ИНСТАТ, во текот 2025 година Албанија ја посетиле 12.466.038 странци, што е за 6,6 отсто или 769.960 лица повеќе споредено со претходната година.
Исто така, минатата година раст бележи и бројот на албанските граѓани што патуваат во странство, како и средствата кои тие ги потрошиле.
Во 2025 година, тие потрошиле три милијарди евра надвор од Албанија, што е рекордна бројка, што е зголемување од 14,8 отсто во споредба со претходната година.
Според ИНСТАТ, во странство патувале вкупно 8,6 милиони албански граѓани, што е зголемување од девет отсто во споредба со 2024 година.