На денешната собраниска седница за пратенички прашања се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александра Николовска, која постави три прашања до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и посочи дека Владата презема чекори за унапредување на условите и вреднување на трудот на здравствените работници, со што првото прашање се однесуваше на зголемувањето на платите на здравствените работници и визијата на Владата за понатамошно системско напредување.
„Моето прво прашање се однесува на здравствениот сектор којашто е една од клучните столбови на секое општество, гледам дека Владата веќе презема чекори во насока на унапредување на условите и вреднување на трудот на здравствените работници што е позитивен сигнал за целиот систем. Колкав процент изнесува зголемувањето на платите на здравствените работници во јавните здравствени установи и каква е визијата на Владата за нивното понатамошно системско напредување?“, праша Николовска.
Второто прашање на пратеничката се однесуваше на заложбите на Владата за борбата против корупцијата, потенцирајќи дека Владата поставила јасен приоритет на ова прашање преку конкретни активности и постапување од страна на надлежните институции.
„Второто прашање се однесува на борбата против корупцијата, тема која е од суштинско значење за функционирањето на правната држава и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Во сите речиси неодамнешни истражувања граѓаните ја нотираат токму корупцијата како еден од најголемите проблеми со кои државата се соочува, покрај економската состојба и животниот стандард. Сведоци сме дека Владата постави јасен приоритет на ова прашање при што во изминатиот период се забележуваат конкретни активности и постапување од страна на надлежните институции. Која е вашата порака во однос на напорите на Владата за сузбивање на криминалот и корупцијата?“, праша Николовска.
Третото прашање на пратеничката се однесуваше на економијата и одржувањето на стабилен економски раст.
„Третото прашање се однесува на економијата, особено во контекстот на актуелните глобални и безбедносни предизвици каде што одржувањето на стабилен економски раст е од клучно значење за развојот на државата, колкав е растот на БДП и како Владата ја оценува неговата улога во зајакнување на економската стабилност и подобрување на животниот стандард на граѓаните?“ праша Николовска.