Објавен е конкурсот за фестивалот на детски песни „Радика Фест 2026“ кој по 17-ти пат во месец мај ќе се одржи во Дебар. Конкурсот трае до 15-ти идниот месец.
-Песните треба да бидат необјавени, а текстовите да бидат со тематика од детското секојдневие. Материјалот се доставува на ЦД или УСБ (финална снимка) а возраста на изведувачите е од 7 до 15 години. Сите учесници на овој детски музички фестивал предходно треба да се пријават на аудиција за да учествуваат на фестивалот изјави за МИА директорот на фестивалот, Зинче Мимидиноски.
Додаде дека овој фестивал како проект од национален интерес е поддржан од Министерство за култура и туризам, општина Дебар, Центар Жупа, Маврово-Ростуше и други.
Фестивалот, кој е еден од најзначајните културни настани, првото издание го имаше во далечната 2010 година, со залагање на големиот ентузијазам на младиот дебарски музичар Јасмин Мимидиноски потпомогнат од познатиот дебарски композитор Зинче Мимидиноски.
Во изминатите 16 години, во продукција на фестивалот изведени се над 220 авторски композиции и со над 250 учесници од Дебар и дебарско, Маврово и Ростуше, Центар Жупа, Струга и Струшко, Охрид и други места од републикава. (МИА)