Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денеска изврши увид во градежните активности за изградба на две нови сообраќајници, „Новопланирана улица-2“ и „Пристапна улица-2“ во населбата Расадник. Овој инфраструктурен зафат е дел од стратешката определба на Општина Кисела Вода за континуирано унапредување на патната мрежа, со што се овозможува поквалитетно сообраќајно поврзување и се подигнува квалитетот на живеење.
Според техничката спецификација, се поставува двослоен асфалтен коловоз на вкупна површина од 1.600 квадратни метри, ограничен со рабници од двете страни. Истовремено, за поголема безбедност на пешаците, предвидено е поплочување на 460 квадратни метри тротоарски површини. Со цел трајно и ефикасно справување со атмосферските води, проектот вклучува нивно прифаќање преку постоечките сливници, но и изведба на нови попивателни сливници кои ќе го штитат коловозот при обилни врнежи.

– Со изградбата Новопланирана улица-2“ и „Пристапна улица-2“, во Расадник, градиме нови 1.600 квадрати асфалтно поврзување односно создаваме модерна и безбедна патна инфраструктура. Допонително, со правилно решавање на атмосферските води и квалитетно изведени коловози, директно влијаеме на подигнување на квалитетот на живеење и обезбедуваме побрза и посигурна комуникација за сите наши сограѓани. Продолжуваме со силно темпо, бидејќи вложувањето во инфраструктурата е инвестиција во иднината на Кисела Вода!- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.