Македонската репрезентација добива нов адут во пресрет на баражот за Светското првенство, откако Даниел Мусовски доби повик од селекторот Гоце Седлоски.
Мусовски зборуваше за честа да биде повикан за македонската фудбалска репрезентација.
„Навистина сум возбуден што ќе ја претставувам Македонија. Кога го добив повикот, тоа беше нешто што многу ме израдува. Да се игра за репрезентација е огромна чест, а особено за Македонија во вакви важни натпревари. Сакам да ја претставам државата, моето семејство и себе си на најдобар можен начин.
Светското првенство е сон за секој играч. Тоа е врвот во спортот. За мене би било неверојатно да ја претставувам Македонија на таков турнир. Ќе дадеме максимум да се квалификуваме и да бидеме дел од тоа натпреварување. Секој професионалец верува во победа. Данска е силна селекција, но и ние имаме квалитет. Ако одиграме како што знаеме, можеме да направиме добар резултат и да се доближиме до Светското првенство“, изјави Мусовски.
Напаѓачот се осврна и на ситуацијата од 2020 година, кога не дојде до соработка со националниот тим, иако имало контакти со тогашниот селектор Игор Ангеловски.
„Мислам дека тогаш имаше недоразбирање со Ангеловски. Не беше дека не сакав да играм за Македонија. Бевме среде плеј-оф во МЛС лигата со Лос Ангелес и добив повик за пријателски натпревар. Веројатно тоа беше сфатено како недостаток на желба, но тоа не е точно. Долго време немаше контакт, а сега, шест години подоцна, повторно добив повик и сум многу благодарен“, прокоментира Мусовски.