Селекцијата на Данска на 26 март ќе ја пречека Македонија во рамки на плеј-оф натпревар за пласман на Светското првенство. Од фудбалската федерација на Данска информираа дека домаќините ќе ја пречекаат македонската репрезентација пред полни трибини.
-Голема ноќ доаѓа на „Паркен“ кога играчите ќе истрчаат на теренот пред распродаден стадион за плеј-оф натпреварот против Македонија во четврток. Со нетрпение го очекуваме натпреварот, објавија Данците.
Капацитетот на стадионот „Паркен“ во Копенхаген е 38.190 гледачи. Натпреварот против Данска е закажан за 20 часот и 45 минути.
Македонската фудбалска репрезентација денеска во 16 часот ќе го одржи последниот тренинг пред утрешното заминување за Копенхаген, кој како што најавија од ФФМ, ќе биде од отворен карактер.
Вториот натпревар во кој противник ќе ни биде Чешка или Република Ирска ќе се одигра на 31 март.