Македонија Протоколите што ја кочат Македонија на евроинтегративниот пат одат на правен тест

Вајц удира по бугарското вето: Дали конечно во ЕУ ќе биде исцртана „црвена линија“?!

Со протоколите, особено вториот, наместо јасна и мерлива патека кон членство, се создаде механизам во кој секој чекор може да биде оспорен или условен со нови барања, што ја прави целта, полноправно членство во Европската Унија, сè понеизвесна и оддалечена. Поради ваквата пат-позиција, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, препознавајќи длабоки правно-политички недоследности, подготви амандман на предлог-резолуцијата за земјава изготвена токму од него, со кој бара од правната служба на Европскиот совет итно да ги разјасни сите двосмислености околу правниот статус на вториот протокол

Вајц удира по бугарското вето: Дали конечно во ЕУ ќе биде исцртана „црвена линија“?!

Вметнувањето на билатералните протоколи во преговарачката рамка за земјава наместо да го олесни, суштински го усложни и практично го блокира македонскиот евроинтегративен процес.
Со самиот факт што прашања од историски, идентитетски и политички карактер се претворија во формални услови за напредок во преговорите, критериумите за членство излегоа надвор од вообичаените европски стандарди и добија непредвидлива, политички условена димензија, па затоа со право македонските власти во една ваква констелација не се подготвени да влезат во процес на уставни измени без да добијат предвидливост во пристапниот процес. Со протоколите, особено вториот, наместо јасна и мерлива патека кон членство, се создаде механизам во кој секој чекор може да биде оспорен или условен со нови барања, што ја прави целта, полноправно членство во Европската Унија, сè понеизвесна и оддалечена, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Правно расчистување на спорниот втор протокол

Поради ваквата пат-позиција, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, подготви амандман на предлог-резолуцијата за земјава изготвена токму од него, со кој бара од правната служба на Европскиот совет итно да ги разјасни сите двосмислености околу правниот статус на вториот протокол од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија во врска со процесот на пристапување на земјава.
Ова следуваше откако бугарските европратеници, во амандманите што ги доставија на нацрт-извештајот, освен уставните измени, ги посочуваат и протоколите како обврска за земјава за почеток на преговорите.
Во својот амандман, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев потсетува дека процесот на пристапување кон ЕУ зависи од исполнување на условите наведени во преговарачката рамка на ЕУ, негување добрососедски односи и почитување на билатералните и меѓународните договори, во согласност со Копенхашките критериуми и сопствените заслуги на земјата, вклучително и целосно спроведување во добра намера на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и неговите протоколи и Преспанскиот договор со Грција.
Во нацрт-резолуцијата, Вајц настојува формално да ги избегне прашањата поврзани со идентитетот и јазикот, но тие повторно се појавуваат преку амандманите, каде што се нагласува нивната чувствителност – особено во контексти обременети со сложени историски наративи и во случаи на повторно конституирани независни држави.
Истовремено, известувачот за Македонија повикува европските институции да преземат поактивна улога во деблокирањето на пристапниот процес на земјава, предлагајќи воведување делумно квалификувано мнозинство при одлучувањето за отворање и затворање на преговарачките поглавја наместо досегашната практика на едногласност меѓу земјите членки.

Сигнал од Брисел или дипломатски баланс?

За дел од познавачите на состојбите во делот на европските политики поврзани со проширувањето, потегот на известувачот Томас Вајц да поднесе ваков амандман токму сега не е случаен, туку доаѓа во момент кога процесот на проширување на Европската Унија повторно е во фокус поради геополитичките притисоци и потребата од поголема стабилност на Западен Балкан, но и раздвижувањето на официјално Скопје низ светските и европски центри на внимание.
– По период на застој и растечко незадоволство кај кандидатите, Брисел се обидува да испрати сигнал дека кредибилитетот на процесот мора да се зачува. Во таа смисла, амандманот може да се чита како обид да се постави рамка што ќе спречи билатералните прашања целосно да го диктираат текот на преговорите. Истовремено, фактот што прашањата за идентитетот и јазикот се третираат како „чувствителни“, а не како легитимни критериуми за блокада, индиректно укажува на растечка нервоза во европските институции од начинот на кој Бугарија го користи правото на вето. Тоа може да се протолкува како суптилен сигнал дека постојат „црвени линии“, односно дека не секое национално барање може да се трансформира во европски услов. Сепак, важно е да се нагласи дека Европската комисија и другите институции ретко отворено конфронтираат земја членка; наместо тоа, тие дејствуваат преку политички пораки и процесни предлози, како што е идејата за делумно квалификувано мнозинство – велат познавачите.
Запрашани да го прокоментираат барањето на Вајц, легитимноста на протоколите во преговарачката рамка за земјава да биде испитана од страна на правната служба на ЕУ, тие сметаат дека какво и да биде мислењето на оваа служба тоа не е обврзувачко, но дека има сериозна тежина што нема да може лесно да се игнорира.
– Кога станува збор за улогата на правната служба на Европската Унија, таа не е често јавно видлива, но има значајно влијание зад сцената. Оваа служба дава правни толкувања за тоа дали одредени барања или механизми се во согласност со европското право и договорите на Унијата. Нејзините мислења не се формално обврзувачки за земјите членки, вклучително и за Бугарија, но имаат силна тежина во институционалниот процес. Во пракса, тие служат како правен компас: ако правната служба оцени дека нешто е проблематично, тоа станува сериозен аргумент во политичките преговори и може да влијае врз позициите на другите членки – посочуваат познавачите.
Тие уште додаваат дека клучната точка останува дека одлуките во рамките на Советот на ЕУ и натаму зависат од политичка волја.
– Дури и најсилното правно мислење не може автоматски да ја надмине едногласноста доколку не постои поширок консензус меѓу земјите членки. Затоа, амандманот на Вајц повеќе треба да се гледа како дел од поширока коалициона стратегија во европските кругови, односно постепено менување на правилата на игра и ограничување на можноста билатералните спорови да го држат во заложништво целиот процес на проширување – констатираат соговорниците.

Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од Македонија

To top