Превенцијата останува клучен столб на јавното здравје, а Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) континуирано спроведува активности насочени кон едукација и подигнување на свеста кај најмладите.
По повод Денот на оралното здравје – 20 март, тим од ИЈЗ го посети Основното училиште „Мирче Ацев“ во Општина Ѓорче Петров, каде што беше одржана едукативна презентација за орална хигиена. Активноста беше наменета за учениците од четврто одделение, со цел да се поттикнат правилни навики за грижа за забите уште од најрана возраст.
Преку интерактивен пристап, учениците имаа можност да научат за значењето на редовното миење заби, правилната исхрана и редовните стоматолошки прегледи како основа за добро орално здравје.
Во реализацијата на настанот значаен придонес дадоа градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, директорката на училиштето Гордана Насковска, како и наставничкиот кадар, кои активно се вклучија во поддршката на оваа јавно-здравствена иницијатива.
Од Институтот за јавно здравје истакнуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина, со цел создавање здрави генерации и подигнување на свеста за превенцијата како најмоќна алатка во зачувување на здравјето.
