Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази оптимизам дека расправијата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и европските сојузници околу Ормускиот теснец може да се реши.
„Уверен сум дека сојузниците, како и секогаш, ќе сторат сè во поддршка на нашите заеднички интереси“, рече Руте денеска. „Ќе најдеме пат напред“.
Во неделата, Трамп посочи дека НАТО може да има „многу лоша“ иднина ако сојузниците не помогнат да се обезбеди безбеден премин за комерцијален бродски превоз низ теснецот. Сепак, европските сојузници брзо ја отфрлија можноста за учество во потенцијална воена операција за обезбедување на испораки на гориво.
Ормускиот теснец, главна бродска рута и единствениот пат од Заливот до отворено море, е ефикасно блокиран од Иран како одмазда за воздушните напади на САД и Израел. Блокадата предизвика скокови на цените.
„Сите се согласуваат дека овој теснец не може да остане затворен. Мора повторно да се отвори што е можно поскоро“, изјави Руте пред новинарите во Брисел. „Ова е клучно за светската економија.“ (МИА)