Предлогот за воведување електронски алки за насилници, иако на прв поглед изгледа како ефикасна мерка, отвора сериозни правни, институционални и финансиски прашања, оцени пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, иницијативата е недоволно разработена и правно проблематична, бидејќи предвидува мерки кои по својата природа припаѓаат во кривичното право, но се предлагаат во рамки на граѓанска постапка. Ваквиот пристап, како што истакна, создава ризик од правна неизводливост и потешкотии во практичната примена.
Пешевска посочи и дека тврдењето оти мерката нема фискални импликации е нереално, имајќи предвид дека воведувањето електронски алки подразбира значителни трошоци – од набавка на опрема и техничка инфраструктура до воспоставување центри за мониторинг и обука на кадар.
Дополнително, таа нагласи дека во предлогот не се одговорени клучни прашања поврзани со имплементацијата: кој ќе ги обезбедува алките, кој ќе врши 24-часовен надзор, кои институции ќе бидат надлежни и како ќе се усогласат постојните закони.
„Без овие одговори, станува збор за политички маркетинг, а не за сериозно законско решение“, изјави Пешевска.
Таа потсети дека веќе постои работна група која работи на законски решенија во оваа област, во која учествуваат и претставници од опозицијата, но дел од нив не присуствуваат редовно на состаноците.
Како дополнителен предизвик, Пешевска ги посочи ситуациите кога поранешни партнери имаат заеднички деца, каде контактот е неизбежен, што според неа ја комплицира примената на ваквите мерки. Исто така, отвори прашања и за улогата на жртвата во системот, особено во делот на приватноста и согласноста.
Пратеничката укажа и на недостаток на анализа базирана на реални податоци, нагласувајќи дека наместо популистички решенија, потребно е да се процени ефективноста на постојните мерки, како забраните за приближување.
Според неа, неопходен е сеопфатен пристап кој ќе вклучува законска усогласеност, стручна анализа и реална применливост на предложените мерки.
„Насилството не се решава со неприменливи законски предлози, туку со функционални системи што навистина ги штитат жртвите“, порача Пешевска.