Ако не се избере седмиот член на Државната изборна комисија (ДИК), ќе следуваат блокади на улици, најавува Европскиот сојуз за промени.
„Се разгледува можноста за блокирање на Собрание, блокирање на улици пред Собрание и Влада. Организирање на секаков вид на искажување на револтот, со цел ДИК да биде комплетирана и сите граѓани во Македонија да имаат можност да гласаат за политичката опција во која веруваат“,кажа лидерот на БЕСА, Биљал Касами.
И пратеникот Фадил Зендели денеска побара од новиот претседател на Собранието, Јован Митревски, итно да ѝ наложи на Комисијата за прашања на избори и именувања, да одржи седница и за член на ДИК пред Собраниеto да го предложи кандидатот на албанската опозиција. Доколку не го направи тоа, Зендели сметка дека Митревски ќе докаже оти коалицијата СДСМ-ДУИ ќе ги фалсификува изборите.
И ВМРО-ДПМНЕ смета дека неизборот на седмиот член на ДИК остава простор за сомнежи, а предлагањето двајца кандидати од Комисијата за избори и именувања води кон ризик ниту еден од нив да не го добие неопходното двотретинско мнозинство.
Местото во ДИК е празно цела година, откако Кренар Лога стана министер за правда.