На 30 март е закажан почетокот на судењето за Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана Јовановска, која со својата ќерка Катја падна од балкон во скопската населба Карпош, по што двете починаа на лице место.
Јовановски е обвинет за три кривични дела: Телесна повреда (член 130 став 2 во врска со став 1 и член 45), односно телесни повреди сторени како продолжено семејно насилство; Загрозување на сигурноста (член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1); Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство (член 128 став 4).
Според обвинението, Јовановски подолг период постапувал сурово и нечовечки кон оштетената, која била во зависна и подредена положба. По стекнување на сопственост над станот каде живееле, започнал со психичко и физичко малтретирање, кое ескалирало во 2025 година.
Обвинението наведува дека тој често ја тепал и навредувал Ивана, и тоа дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето.