НАТО ќе распореди уште еден американски систем за противракетна одбрана „патриот“ во јужната турска провинција Адана, во воздухопловната база Инџирлик, каде што се наоѓаат трупи на САД и други членки на Алијансата, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.
Минатата недела, НАТО распореди систем „патриот“ и во југоисточната провинција Малатија, во близина на радарска база, како дел од зајакнувањето на воздушната одбрана поради заканите од војната во Иран. Во Адана веќе се наоѓа шпански систем „патриот“.
Турција, која ја има втората по големина војска во НАТО и се граничи со Иран, истакнува дека се потпира на сојузничката воздушна одбрана за пресретнување ракети лансирани од регионот од почетокот на конфликтот, додека домашните капацитети за целосна противракетна заштита сè уште ги развива.