YouTube стана официјална „преферирана платформа” на FIFA за Светското првенство 2026, а медиумските партнери ќе можат да ги стримуваат првите 10 минути од секој натпревар на YouTube, за прв пат во историјата на турнирот.
FIFA и YouTube официјално потпишаа партнерство според кое YouTube станува „преферирана платформа” за Светското првенство 2026, кое ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико. Ова е прв ваков аранжман меѓу двете организации и претставува значајна промена во начинот на кој фановите ќе можат да го следат натпреварувањето.
Најинтересниот дел од договорот е тоа што медиумските партнери на FIFA, телевизиите кои ги имаат правата за пренос, за прв пат во историјата на турнирот ќе можат да ги стримуваат првите 10 минути од секој натпревар на своите YouTube канали. Идејата е едноставна, гледачите добиваат „вовед” во мечот преку YouTube, а потоа продолжуваат да го следат на телевизија или на друг „стриминг” сервис каде што правата се обезбедени.
Дополнително, медиумските партнери ќе можат да стримуваат и одреден број целосни натпревари на YouTube, иако засега не е објавено колку точно од нив ќе бидат достапни на овој начин. Партнерите исто така добиваат пристап до проширена библиотека на содржини, како продолжени „хајлајти”, видеа зад кулисите, „Shorts” формат и видео на барање.
FIFA воедно ќе го отвори и својот дигитален архив на официјалниот YouTube канал. Тоа значи дека фановите ќе можат да гледаат целосни натпревари од минатите светски првенства и „иконски” моменти од историјата на фудбалот. Ова е одличен потег, особено за помладата публика која можеби немала можност да ги следи постарите турнири.
Партнерството предвидува и „креаторите” на YouTube да добијат невиден пристап до турнирот. Тие нема само да реагираат на натпреварите, туку ќе имаат можност да снимаат тактички анализи, приказни за играчите и содржини зад кулисите директно од стадионите и тренинг камповите. Ваков пристап за независни „креатори” досега не постоеше на ниту едно Светско првенство.