Македонија Решителна борба против криминалот и корупцијата

Деребан во интервју за КУРИР: Поради какви незаконски постапувања беше разрешен Коцевски и какви се очекувањата од новиот јавен обвинител?

Владата одлуката ја донесе врз основа на биографиите, мислењето од Советот за јавни обвинители, но и другата пропратна документација која што ни беше доставена и е на ставот дека Ненад Савески ги исполнува сите законски услови за избор за јавен обвинител и дека тој успешно може да ја извршува оваа јавна функција. Искрено да ви кажам, јас него не го познавам меѓутоа она што го очекувам од новиот јавен обвинител е професионалност, интегритет и решителност во борбата против криминалот и корупцијата, посочи Деребан во интервју за КУРИР.

Деребан во интервју за КУРИР: Поради какви незаконски постапувања беше разрешен Коцевски и какви се очекувањата од новиот јавен обвинител?

Беше ли одлуката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски чекор во борбата против криминалот и корупцијата или можеби битка со неистомисленик? И каков човек треба да го наследи?

На овие и низа други прашања одговара заменик-министерот за правда Ален Деребан во интервју за КУРИР.

-Во никој случај не би можело да се подведе разрешувањето, односно одлуката за разрешувањето на државниот јавен обвинител како личен или политички чин. Одлуката Владата да пристапи кон разрешување на јавниот обвинител беше донесена поради низа пропусти, прекршувања и незаконски постапувања од страна на јавниот обвинител, кои беа детектирани не само од институциите туку од целокупната јавност. Како дел од причините поради кои што се пристапи кон разрешување на државниот јавен обвинител беа незаконското именување и назначување на вршител на должност на вишото јавно обвинителство во Скопје, пресметките со пониските јавни обвинителства поради анимозитет кон одредени обвинители, посредување при склучување на судски спогодби со носители на високи правосудни функции кои беа затекнати во вршење на криминал и корупција, носење на задолжителни писмени упатства кои беа спротивни на закон и со кои се задира односно се врши груба повреда на основните принципи на законот за јавно обвинителство – хиерархија, субкординација и самостојноста ја јавното обвинителство. Сите тие повреди се ставаат под основот за разрешување, а тоа е крупна професионална грешка која што влијае врз функционирањето на Јавното обвинителство, посочи заменик-министерот за правда во интервју за КУРИР.

Дополнително, рече Деребан, имаше докази за изнесување на одредени информации и податоци од конкретни предмети со кои се нарушува тајноста на постапката.

-Имаше и други низа причини поради кои што се пристапи кон разрешување на јавниот обвинител. Меѓу нив е и предизборното ветување на оваа Влада дека решително ќе тргне во борба против криминалот и корупцијата и дека секој оној кој се огрешил пред уставот и законите, мора да сноси одговорност, рече Деребан.

Ненад Савески е предложен за нов државен јавен обвинител. Јавноста ја виде неговата богата биографија, оценета е неговата стручност и компетентност. Го прашавме Деребан дали го познава Савески и какви очекувања има од него.

-Секој оној кој што ќе се нафати да ја извршува функцијата државен јавен обвинител на Република Македонија треба да е свесен дека со таа функција ќе преземе и огромна одговорност кон државата, но и одговорност кон граѓаните. На огласот кој беше распишан за избор на јавен обвинител можеше да се пријават сите кандидати кои ги исполнуваа законските услови меѓутоа и кои се спремни да се носат со таквата функција и со таквата одговорност. Владата одлуката ја донесе врз основа на биографиите, мислењето од Советот за јавни обвинители, но и другата пропратна документација која што ни беше доставена и е на ставот дека Ненад Савески ги исполнува сите законски услови за избор за јавен обвинител и дека тој успешно може да ја извршува оваа јавна функција. Искрено да ви кажам, јас него не го познавам меѓутоа она што го очекувам од новиот јавен обвинител е професионалност, интегритет и решителност во борбата против криминалот и корупцијата, посочи Деребан во интервју за КУРИР.

Собранието утре треба да се изјасни за предлогот Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител. Савески, кој моментално е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, беше номиниран од Владата на 10 март, а за да ја добие функцијата потребни му се најмалку 61 пратенички глас. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка во која учествуваа петмина кандидати.

Целото интервју со Деребан погледнете го во видеото во продолжение:

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top