Корисници во Русија пријавија дека популарната апликација за размена на пораки „Телеграм“ денеска е недостапна, додека властите продолжуваат со засилени мерки против странските комуникациски платформи, јави ДПА.
Според корисниците, и мобилната апликација и веб-верзијата на Телеграм не функционирале, додека претходно се појавија шпекулации дека од 1 април може да биде воведена целосна забрана.
Аудио и видео повиците преку Телеграм и ВатсАп во Русија се блокирани од средината на 2025 година, при што властите тврдат дека компаниите не ги почитуваат руските закони.
Други сервиси за пораки, како Сигнал и Вибер, веќе се блокирани, а пристапот до бројни интернет-страници, меѓу кои и Јутјуб, е можен само со користење виртуелна приватна мрежа (VPN).
Во меѓувреме, Москва сѐ поинтензивно го ограничува користењето VPN-услуги, кои граѓаните ги користат за заобиколување на интернет-регулативите.
Заменик-претседателот на парламентарната комисија за информатичка политика, Андреј Свинтов, неодамна изјави дека безбедносните служби во следните три до шест месеци би можеле значително да го ограничат или целосно да го блокираат VPN-сообраќајот.
Во Москва, пристапот до VPN преку мобилен интернет веќе е значително ограничен.
Властите во меѓувреме ги повикуваат граѓаните да ја користат новата руска апликација за комуникација „Макс“, додека критичарите стравуваат дека таа би можела да се користи за следење на корисниците. (МИА)