Дали светот зафатен од воени бури има перспективи?
Годинава во тек е особено непредвидлива со оглед на интеракциите помеѓу нерамномерното економско закрепнување на државите и регионите, непостојаните геополитики и воените судири во тек. Многу земји од Африка до Југоисточна Азија прават се за да го избегнат избирањето на страна поради нараснатата напнатост. Понекогаш најдобар начин да се разбере што се случува во/со светот е да се погледне во поблиската и подалечната историја, да се исчитаат егзактните бројки(економија, стопанство, инвестиции, финансии, кредити, камати, јавен долг, воена индустрија) и внимателно да се следат и анализираат настаните и трендовите, сите потребни за “исчитување“ на регионалните и глобалните мапи во фаза на создавање. За да биде појасно еве неколку примери: Го проби ли плафонот глобалниот јавен долг? Зошто САД е земја со најголем јавен долг? Зошто Трамп не може “да го свитка“ досадниот Зеленски? Дали се работи за украинските минерали? Путин има или нема план за завршување(победа) на војната во Украина? Кои земји на Блискиот Исток закаат регионална трансформација, а кои не? Можен ли е прекин на огнот во Судан? И како златото ја поттикнува војната во Судан? Остана ли Африка сама, или Кина и Русија веќе се во игра и со дилови? Дали Европа влезе во 2026 година притисната од сите страни, при што треба да се соочи со бројни предизвици? И тн.
САД годинава слават 250 години од оснивањето. Веќе ги насетуваме новите приказни за минатото, сегашноста и иднината. Додека демократите и републиканците ја опишуваат истата земја на непомирливо различни начини, Трамп воведува “нови политики“ и “модерна дипломатија“ со заплашување, закани, со тарифи и царини, со извршни уредби, ама и со воени напади на други држави. Минатата година светот отпочна нова студена војна(сега веќе не само студена) помеѓу блоковите. Тоа Трамп не го задоволува па разбранува и во НАТО, го преуредува односот со ЕУ, Канада и Австралија, а за Кина, Русија и Индија и да не зборуваме, тоа е повеќе од нормално. И така стариот, глобален поредок, веќе се распаѓа, а “коалицијата на добронамерните“ веќе ги стокми новите договори за воена соработка, одбрана и трговија.
Дали светот веќе е поделен на американска, кинеска и руска “сфера на влијание“? Изгледа дека тој процес е при крај. Фотофинишот или финалното одборојување во моментот се одвива на Блискиот Исток, каде се најголемите ресусрси на нафта и гас. Во декември минатата година некаде прочитав, чинам во Економист, дека најјасните сигнали за тоа во кој правец се движи и ќе се движи американската надворешна политика ќе дојдат од Латинска Америка и Азија. И, види чудо, така и бидна. На почетокот на јануари САД ја изведоа воздушно-амфибијската “акцијата Мадуро“(брзо отстранување на режимот на Николас Мадуро) во Венецуела и ставија шепа на нафтените извори. Тоа беше ефикасна показна вежба на безбедносно средување на односите во “нивната хемисфера“(на САД). Последниот пак ден од февруари, заедно со Изреал го нападнаа Иран и ете ти експлозии на главниот пат на нафтата и гасот, од Блискиот Исток кон Азија и Европа. Тоа се експлозии во “хемисферата на Кина и Русија“, каде работите се малку покомплицирани отколку во Венецуела или “хемисферата на САД“.
Сега, нешто повеќе за првите два примери, дадени како прашања, напред наведени. За таа цел, едно мое финансиско размислување за главните причини зошто се води валканата војна во Иран, и пошироко на Блискиот Исток. Според Институтот за меѓународни финансии, вкупниот глобален долг во светот изнесува 338 билиони долари(билион и илјада милијарди), некаде во август/септември 2025г. Тој долг изнесува 324 проценти од светското економско производство. САД имаат најголем јавен долг во светот, кој изнесува 38 трилиони долари, или 123 проценти од нивниот БДП, што е 34,5 проценти од вкупниот јавен долг во светот. Затоа, овој долг, е и најважно политичко, економско, финансиско и воено прашање во и за САД. Прашањето како да се реши преставува најбурна расправа и најжестоко превирање, помеѓу демократите и републиканците, Стручњаците проценуваат дека до 2030 г. јавниот долг на САД ќе се зголеми за повеќе од 20 процентни поени, достигнувајќи 143 проценти од БДП, што е повисоко ниво одколку по Втората светска војна.
ММФ предвидува дека глобалниот долг и понатаму ќе расте и дека на почетокот на 2026г. тој би можел да биде 350 билиони долари, при што САД, Индија, Франција и Бразил играат доминантна улога во обликувањето на глобалната динамика, со раст на нивоата на долг и финансиски дефицит. Ова е загрижувачка траекторија.
Кои се можните сеизмички настани кои би одместиле се од својот природен зглоб? Високите протекционистички царини, растечките долгови и забавувањето на економскиот раст се тие кои светот можат да го втурнат во нова рецесија и неминовна криза. Големите сили сакајќи да се спасат влегоа во нова ера на променлива геометрија. – барем така вели Марк Карин, премиерот на Канада. Мислам дека е во право. Тоа се нови мрежи на ад хок соработка. Се прават динамични и прагматични коалиции, како Западот за Уктаина против Русија, САД и Изреал против Иран, ЕУ и Индија за подобра трговија, Кина и Русија во “тифка одбрана“ на Иран, Турција, Саудиска Арабија и Пакистан, како еден вид муслиманско НАТО и многу други, особено во врска со интересите во Африка и Латинска Америка. Се прави “тврд инжењеринг“ на меките вештини на надворешната политика, при што интересите ги потиснуваат вредностите, принципите и нормите. Интересите се in, а вредностите и нормите pase. Ама тоа е тоа. Се повеќе државите прифаќаат променлива геометрија, плетат нови мрежи и градат прагматични сојузи, за да бидат во најдобра положба да напредуваат во ова ново разбранувано време.
Завршно прашање: Има ли подобар начин да се дојде до профит(финансиски сретства) од заземање на нафтени извори на два континенти? А тој профит, тие финансиски средства се мелем за големиот јавен долг. Мелем за финансиско заздравување. Едноставно и просто.
(продолжува)
Сотир Костов