Екипата на Вардар 1961 направи голем чекор назад кон враќање на тронот во македонскиот ракомет.
Црвено-црните на Иван Чупиќ го победија актуелниот првак Еурофарм Пелистер во Битола (22-27) и избегаа на врвот на табелата на високи шест бода позитива.
До финишот во плеј-офот, вардарци имаат се во своите раце, затоа што оваа победа во најголемото дерби е злато вредна.
“Првото полувреме игравме нервозно, со црвен картон, некако бевме многу нервозни и во транзиција, промашувавме зицери и губевме топки, но бевме во мечот.
Заради голманот и добрата одбрана, не дозволивме Пелистер да направи поголема разлика, но се договоривме во вториот дел да се смириме, да продолжиме ваква одбрана и дека нашите пет минути ќе дојдат, дека Пелистер мора да го убрзаме во играта да ризикува и да ги чекаме нашите моменти.
Фер и коректен меч, убава атмосфера, секогаш е добро да се игра во полна сала. Ова беше една шампионска одбрана за титула и тоа ни донесе два бода.
Имаме уште три месеци од сезоната, половина март, цел април и мај. Има уште да се игра и за што да се бориме.
И за титула и за Куп и за Ф4 во Европската лига, така што, одиме чекор по чекор. Знаеме дека ова е маратон. Освоивме два важни бода, но одиме напред и гледаме кон следниот меч“, изјави Чупиќ по натпреварот.