Александар Авукатов (49) вечерта пред кобниот 16 март 2025 година настапувал со својот бенд во кафуле во Кочани, а по свирката одлучиле да отидат во дискотеката „Пулс“ на настапот на групата ДНК.
Авукатов во документарниот филм „Од пламен до надеж“ вели дека во „Пулс“ пристигнале околу 02 часот по полноќ, а за многу кратко време потоа настанал пожарот.
-Толку беше борбата со стихијата и стампедото голема што мене лично не ми остави простор да размислувам за нешто друго, дали нешто ме гори, дали нешто капе одозгора. Мојот фокус беше да останам на нозе, го гледам излезот, успеав во таа борба, да ќарам два чекори кои беа пресудни да излезам надвор покрај десниот ѕид. Таму ме пречекаа колегите од бендот кои ме транспортираа во болницата во Штип, раскажува Александар.
Лекувањето го продолжува во Бугарија, а по враќањето се приклучува на рехабилитацијата која за повредените беше организирана на Пониква.
-Шансата што ми ја даде Бог ми значи повеќе од се’, заклучува Авукатов.