Рускиот претседател Владимир Путин најави изградба на уште еден мразокршач на нуклеарен погон како дел од проширувањето на арктичката флота на земјата.
На денешната церемонија по повод почетокот на изградбата на мразокршачот Ленинград во бродоградилиштето во Санкт Петербург, Путин рече дека идната година ќе биде завршена и кобилицата на сестринскиот брод Сталинград.
– Се градат и други бродови за работа на Арктикот, додаде Путин, пренесе ДПА.
Русија, која ја има најголемата флота на мразокршачи во светот, полага право на голем дел од минералните ресурси складирани во замрзнатиот Арктик.
Русија користи мразокршачи за да пробие бродска рута од архипелагот Новаја Земља кај северна Русија до Беринговиот Теснец, кој го дели источниот дел на земјата од Алјаска.
Околу 36 милиони тони стока беа транспортирани преку поморскиот пат минатата година, што е рекорд според Алексеј Лихачев, генерален директор на државната корпорација за нуклеарна енергија Росатом.
Ленинград ќе биде осмиот нуклеарен мразокршач во Арктичката флота, која вклучува и 34 бродови на дизел.
Ленинград е поранешното советско име за Санкт Петербург, додека Волгоград порано се нарекувал Сталинград. Одбраната на двата руски града беше клучна за победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.