Почна асфалтирањето на улицата „21 мај“ во штипската населба Пребег, а на стартот на градежните активности градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, рече дека реализацијата на овој инфраструктурен проект е активност на Општината за одржување на постојната инфраструктура во оваа населба.
Во текот на наредните денови градежната механизација ќе продолжи со изградба на нов крак на улицата „Баница“, кој што досега никогаш не бил асфалтиран. Инвестицијата од околу еден милион денари се реализира од буџетот на Општината.
Штипскиот градоначалник, Јорданов додаде дека околу оваа населба се реализираат значајни и капитални проекти за урбанистичкиот развој на градот Штип.
– Овде се планира проширување на населбата, изградба на нови станбени единици, изградба на нови индивидуални куќи, на капацитети кои ќе го урбанизираат овој дел од градот, рече Јорданов.
Тој посочи дека во градот се гради и се реконструираат улици, водоводни и канализациски мрежи во неколку населби, а во насока на создавање нова инфраструктура. (МИА)