Македонија Регион сирење за пари, брат за еу

Србија и Албанија заеднички бараат влез во ЕУ, и без право на вето

Суштината на нивниот план е новите земји да добијат дел од придобивките од Унијата, но без да добијат еврокомесар, пратеници во Европскиот парламент и право на вето. Со тоа, Вучиќ и Рама практично ѝ нудат на ЕУ модел на „функционална делумна интеграција“, со кој кандидатите би се приближиле до европскиот систем без веднаш да влезат во целосната институционална архитектура на Унијата.

Србија и Албанија заеднички бараат влез во ЕУ, и без право на вето
Српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама излегоа со заеднички предлог за забрзана интеграција на Србија и Албанија во Европската Унија, но по модел што не нуди веднаш целосни членски права. Во заедничка колумна објавена во германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, двајцата предлагаат постепено вклучување во единствениот европски пазар и во Шенген како меѓучекор до полноправно членство.

Суштината на нивниот план е новите земји да добијат дел од придобивките од Унијата, но без да добијат еврокомесар, пратеници во Европскиот парламент и право на вето. Со тоа, Вучиќ и Рама практично ѝ нудат на ЕУ модел на „функционална делумна интеграција“, со кој кандидатите би се приближиле до европскиот систем без веднаш да влезат во целосната институционална архитектура на Унијата.

Аргументот на двајцата лидери е дека ваквиот пристап би можел да го оживее замрзнатиот процес на проширување и да ја засили стабилноста на Западниот Балкан. Тие сметаат дека одложувањето на проширувањето додека ЕУ прво не ги среди своите внатрешни реформи го поткопува кредибилитетот на целиот процес и ја слабее реформската мотивација во регионот. Во нивната порака, Западниот Балкан се претставува како нова геополитичка линија на која Унијата мора да инвестира ако сака да ја зачува сопствената сила.

Предлогот доаѓа во момент кога европскиот пат на двете држави е во различна фаза. Албанија веќе ги отвори сите шест кластери од пристапните преговори и амбициозно гледа кон 2027 година како можна цел за нивно заокружување. Србија, пак, е кандидат од 2012 година, но преговорите ѝ се фактички заглавени од декември 2021 година, а главните забелешки остануваат врзани за владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и неусогласеноста со надворешната политика на ЕУ кон Русија.

Токму затоа заедничката иницијатива на Вучиќ и Рама е повеќе од дипломатски гест. Таа е обид да се убеди Брисел дека проширувањето може да се движи и без веднаш да се отвори целото прашање за институционалната рамнотежа во Унијата. Но во исто време, овој модел носи и јасна политичка дилема: дали ваквата „половична интеграција“ е паметен меѓучекор кон ЕУ, или прифаќање на членство од втор ред за земјите што со децении чекаат полноправен влез.

To top