Македонија 83 години од геноцидот врз македонските евреи

Мицкоски на одбележување годишнина од депортацијата на македонските Евреи: Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност

Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод одбележување на 83-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка.

Мицкоски на одбележување годишнина од депортацијата на македонските Евреи: Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност

Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод одбележување на 83-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка.

Тој истакна дека денеска стоиме во тишина и со длабока почит пред една од најболните страници во нашата историја и се сеќаваме на депортирањето на македонските Евреи, трагедија што засекогаш го обележа нашето колективно паметење.

– Во март 1943 година, повеќе од седум илјади наши сограѓани – Евреи од Скопје, Битола и Штип – беа насилно собрани, одземени од своите домови, од своите семејства, од својот живот. Тие беа депортирани во логорот на смртта Треблинка, каде што нивните животи беа сурово прекинати. Зад таа бројка стојат имиња, семејства, соништа, таленти, судбини. Стојат луѓе кои биле дел од ткивото на нашите градови, од трговијата, од културата, од духот на Македонија. Со нивното исчезнување, нашата земја изгуби дел од својата душа.

Премиерот потенцира дека денеска не се сеќаваме само на трагедија, туку и на обврската за спречување на омразата, антисемитизмот, расизмот и нетолеранцијата во нашето општество.

– Но, денес не се сеќаваме само на трагедијата. Се сеќаваме и на обврската. Обврската никогаш да не дозволиме омразата, антисемитизмот, расизмот и нетолеранцијата повторно да добијат место во нашите општества. Историјата нè учи дека злото почнува со збор, со предрасуда, со рамнодушност, а завршува со трагедии што го потресуваат човештвото. Затоа денес, како држава и како општество, ја обновуваме нашата заклетва: дека ќе ја чуваме вистината, ќе го негуваме сеќавањето и ќе ја браниме човечката достоинственост. Македонија е дом на различности. Нашата сила отсекогаш била во тоа што различните култури, религии и традиции живееле заедно, создавајќи заедничка иднина, нагласи Мицкоски.

Тој истакна дека еврејската заедница оставила неизбришлива трага во историјата на оваа земја, а нејзиниот придонес во културата, образованието, стопанството и општествениот живот е дел од нашето заедничко наследство.

– Денес, кога се сеќаваме на жртвите на Холокаустот, испраќаме јасна порака: сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата – наша историска одговорност. Нека споменот на депортираните македонски Евреи биде вечен. Нека нивната трагедија биде опомена за сите генерации што доаѓаат. Вечна им слава и вечен спомен, порача Мицкоски.

На одбележувањето се обратија и претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви и германската амбасадорка Петра Дрекслер.

Премиерот, владини претставници и останатите присутни положија цвеќе пред спомен обележјето во поранешниот Монопол во Скопје.

Најнови вести од Македонија

To top