Царинската управа и Управниот суд денес потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува дигитално поврзување меѓу двете институции и електронска размена на документи во рамки на управните спорови.
Со потпишувањето на Меморандумот се овозможува поврзување на институциите преку софтверската платформа ЕПУС, преку која ќе се врши електронска достава и размена на судски акти и документи за управните спорови во кои Царинската управа се јавува како странка во постапка пред Управниот суд.
Царинската управа ги поддржува ваквите иницијативи кои претставуваат значаен чекор во процесот на дигитализација и модернизација на институциите, со што се овозможува поефикасна и посигурна комуникација меѓу институциите, побрза размена на информации истовремено намалувајќи ги трошоци за поштенските услуги за достава.
Новиот систем овозможува креирање електронски досиеја за предметите, како и електронско доставување на документите, што значително ќе го забрза постапувањето и ќе придонесе за намалување на користењето хартиена документација.
Директорот на Царинската управа Бобан Николовски и в.д. претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини изразија задоволство од потпишувањето на Меморандумот, нагласувајќи дека со неговата имплементација ќе се придонесе за зголемување на транспарентноста и ажурноста во постапките пред Управниот суд. Двете страни се согласија дека со оваа соработка се унапредува институционалната координација и се создаваат услови за поефикасно функционирање на управно-судските постапки.