Иранската државна телевизија, позната како „Гласот на Исламската Република Иран“, ја објави веста за изборот на Моџтаба Хамнеи за нов врховен водач, наведувајќи дека тој е „ранет во војната“, пренесува агенцијата „Фокус“.
Водителите на државната телевизија во извештаите го опишуваат како „личност која е ранета од страна на непријателот за време на војната Рамадан“, како што иранските медиуми го нарекуваат актуелниот конфликт. Сепак, не се соопштени дополнителни детали за неговата здравствена состојба.
Таткото на Моџтаба Хамнеи, ајатолахот Али Хамнеи, како и неговата сопруга, загинаа во израелски воздушен напад врз Техеран на 28 февруари, на самиот почеток на војната.
Оттогаш Моџтаба Хамнеи не се појавил во јавноста. За нов врховен водач на Иран беше прогласен синоќа, по гласањето на исламските верски водачи, ајатоласите во Советот на експерти.
Според наводите на тоа тело, една од клучните причини за неговиот избор била изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој синот на Али Хамнеи го нарече „неприфатлив“.
Моџтаба Хамнеи важи за личност која има добри врски со иранската војска, но фактот што го наследува својот татко на највисоката функција во државата за многумина потсетува на монархиски систем, против кој Исламската револуција во Иран во 1979 година и беше насочена, коментираат медиумите.
Се очекува Моџтаба Хамнеи денеска да ѝ се обрати на нацијата како нов врховен водач, но досега тој не се појавил во јавност.