Податоците на Опсерваторијата за фемицид при Народниот правобранител на Албанија, покажуваат дека во последните четири години, убиени се 37 жени и девојки, од кои 27 случаи се оценети како фемицид.
-Само во текот на 2024 година, анализирани се 18 случаи на екстремно насилство врз жени и девојки, каде што 13 од жртвите претходно доживеале насилство од сторителот, што докажува дека фаталното насилство често е ескалација на позната злоупотреба, стои во извештајот.
Иако 5 од жртвите побарале помош од полицијата пред злосторството, ниту една од нив не била под мерки за активна заштита во времето на инцидентот.
Според анализата спроведена од експерти, главните мотиви на овие фатални настани се поврзани со желбата за контрола, љубомората и длабоките патријархални норми. Над половина од инцидентите се случиле во рурални средини.
„Ситуацијата станува уште потрагична кога се дознава дека жртвите од 2024 година биле мајки на 33 деца, од кои 9 се малолетни. Со оглед на оваа алармантна ситуација, Народниот правобранител препорачува да се преземат мерки за зајакнување на раната процена на ризикот и следење на случаите, како и законско признавање на фемицидот како посебно кривично дело, се нагласува во извештајот.
Опсерваторијата за фемицид во Албанија е основана од страна на Народниот праобранител, во соработка со Канцеларијата за жени на ООН во март 2024 година. (МИА)