„Не зборувај лошо за мртвите“. „За мртвите се најдобро“. Социјално табу што се рецитира како евангелие, често по смртта на поединци чии наследства се заглавени во контроверзии, угнетување или отворено зло. Иако оваа традиција е вкоренета во културата на почит, затворање или пристојност на жалост, таа е извртена во алатка на лицемерие, средство за заштита на јавните личности од правилен надзор по смртта. А, во Македонија каде што историјата редовно се манипулира или целосно се брише, ова молчење станува не само нечесно, туку и опасно. Без оглед колку сето ова звучи сурово за многумина, вистината, правдата и одговорноста бара да се соочиме со ваквото лицемерие директно. Секое одбивање за мртвите да се зборува искрено, особено за оние кои ја имале моќта, ја обликувале историјата, или го овековечиле страдањето, не е доблест. Тоа е кукавичлук маскиран како почит, пишува професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес.
Да се зборува за мртвите лошо се смета не само за непочитување, туку и за светогрдие. Но, целта е друга. На тој начин сака да се обесхрабри клеветата, озборувањето и непотребното оцрнување на обичните поединци кои повеќе не се тука за да се бранат. Дали ова е начин да се заштитат моќните личности во историјата на еден народ од последиците на нивните постапки, или да се преработи историјата во блескава, нечесна проза? Секако дека немам дилеми за ова кога ја препрочитувам забранетата македонска историја оставена во наследство. Оддамна престанав да наведнувам глава во знак на почит за одредени личности од нашето комунистичко минато, за кои почитта би значела форма на признавање на нивниот углед и фактот дека таквите поединци биле нужни во историјата на овој народ – бидејќи без нив нашата историјата би била ништожна. До одреден степен ова нема никаква врска со добрите манири. Тешко ми е и одбивам да ја следам латинската поговорка de mortuis nil nisi bonum (за мртвите се најдобро) во македонската историја на злото која ја премолчуваме. Сепак, не секогаш е лесно да одиш против културата на заборавот.
Со текот на годините гледав како и во смртта не сме еднакви, гледав како смртта на контроверзни комунистички лидери, поранешни егзекутори, измамнички политичари и морално банкротирани јавни личности историјата ги велича, замаглувајќи го нивното деструктивно наследство. Нашата историја ги прочисти ваквите личности од крвта и страдањата на идеолошките неистомисленици и нивните семејства. Ги прочисти од злото што го претставуваа, барајќи од мене, од сите нас, да ја славиме и почитуваме нивната смрт. Како? Зашто мора да бидам принуден да се согласам со ова препишување на историјата во име на почит кон мртвите? Тоа не е само лицемерно, туку е и опасно. Затоа одбивам да живеам со ова лицемерие, дома во Македонија.
Многумина нема да се согласат со ова. Ќе тврдат дека смртта е свето место и дека критиката треба да биде резервирана за живите. Секако, прифатливо кога се работи за обични граѓани кои немале значајно јавно влијание. Но, кога некој е на власт чие зло обележало историски период на еден народ што некој сака да биде заборавено, злото станува дел од моралното и историското ткиво на нацијата. Нивните постапки, особено злото што ги дефинирало како луѓе ги надживуваат. Да не се истражат и да не се зборува за тие постапки вистинито, дури и по нивната смрт, е да се предаде самата вистина – да се закопа болката на оние што страдале од нивното зло во „алејата на великаните“ на македонските гробишта. Смртта и страдањата честопати знаат да создадат морална конфузија, што е директен резултат на одбивањето да се нарекуваат работите со нивните вистински имиња. За каква национална свест ми зборуваат во Македонија кога оние што ги егзекутираа петмината струмички студенти, 53-та велешки затвореници, ја убија Панде Чесновска и уште многумина, направија статисти во сопствените животи нанесувајќи им болка и страдање, се прикажуваат како херои, едноставно само затоа што починале? Лицемерно.
Смртта не треба да го ослободи човекот од одговорност. Ако ништо друго, смртта обезбедува потребна дистанца и перспектива за искрено оценување на нечие наследство, без страв од одмазда. Многу вистини се кажуваат само откако некој ќе умре, затоа што го потиснал отпорот додека бил жив. Дали сега треба повторно треба да го премолчиме злото, дури и кога ги нема? Зошто постои разлика помеѓу искрено почитување и нечесна пофалба? Почитта за мртвите не смее да значи нечесност во врска со нивните дела. Тоа не е омраза. Тоа е историја. И тоа е вистина. Простувањето е личен морален избор. Но, простување не е исто што и заборавање, или преправање дека злото не се случило. Не смееме да градиме лицемерно општество и иднина положена на нечесност. Нашите историја мора да ја одразува вистината, а не прославената пропаганда. Жртвите на злото не треба да бидат заглавени во тишина само затоа што нивниот угнетувач починал. Жртвите од минатото заслужуваат право да ја кажат својата вистина. Зашто вистината не смее да умре со мртвите.
Ме нарекувале многу работи – човек без срце, антикомунист, токсичен и што уште не. А, јас само го следам заветот на солзите на оние што пропатиле од еден режим што сакаме да го заборавиме. Затоа никогаш не се трудам да ги корегирам овие перцепции, бидејќи секој има право на свое мислење. Сепак, нешто што не можам да прифатам е лицемерието. Особено во историјата. А, таа е полна со лицемери кои се преправаат дека веруваат, чувствуваат, или имаат доблести што навистина не ги поседуваат. Никогаш не сум се преправал дека чувствувам тага за некој што ми нанел зло, зашто тоа ми изгледа како предавство на сопствените емоции. Не можам да ги жалам луѓето кои за мене се реинкарнација на злото. Автентичноста ми е важна, ја ценам искреноста, дури и во чувствителни ситуации како оваа за која пишувам. Смртта не ги брише постапките или злото што ме натерале да не сакам некого. Ако не сум ги сакал за животот, не гледам зашто би ги сакал сега во смртта. Едноставно, не можам да бидам лицемер, зашто вистината живее и по смртта.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес