Четворица пратеници членови на либералната група „Да ја обновиме Европа“ во Европскиот парламент предлагаат формирање на „Мини-шенген зона“ меѓу Бугарија, Грција и Романија, која би станала оперативна ова лето со цел да се намалат гужвите во сообраќајот меѓу трите балкански земји членки на ЕУ во текот на туристичката сезона.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата идеја се содржи во писмото што европратениците Даниел Лаурер од Бугарија, Георгиос Кирцос од Грција и Дачијан Чиолш и Влад Георге од Романија го упатија до грчкиот министер за имиграција и азил Димитрис Кајридис.
– Ние во исто време и сме и не сме во Шенген. Мораме да ја искористиме оваа реалност со новиот статус на Бугарија и Романија во Шенген зоната, изјави европратеникот Георге, според кого нивната иницијатива „неформално наишла на многу позитивни сигнали“ од страна на грчката Влада.
Според договорот постигнат кон крајот на минатата година со Австрија, која го блокира полноправното членство на Бугарија и Романија во Шенген, од 31 март 2024 бугарските и романските граѓани ќе можат да влегуваат без гранични контроли во членките на Шенген зоната доколку патуваат по воздушен или воден пат, додека контролите остануваат на копнените гранични премини.
Ваквиот договор значи дека државјаните на Бугарија и Романија не би можеле слободно да патуваат во Грција по копнен пат и би се создавале гужви и колони возила на премините на грчко-бугарската граница.
Во писмото четворицата европратеници, повикувајќи се на поддршката на Европската комисија за прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната, тврдат дека претставниците на грчкиот туризам и на хотелскиот и угостителскиот сектор „инсистираат“ на укинување на контролите на копнените граници, за да се олесни патувањето на романските и бугарските туристи во Грција.
– Во моментов, контролата на копнените граници меѓу трите земји се уште им создава огромни загуби на превозниците и туристите во однос на патните трошоци и потрошените пари и време, се наведува во писмото, при што се додава и дека укинувањето на граничните контроли веднаш ќе ја подобри еколошката состојба во пограничните области.
Идејата на предлагачите е укинувањето на граничните контроли да важи само на премините на копнената граница меѓу Бугарија и Грција, за што, според нив, не би имало потреба да се бара одобрение од останатите земји членки на Шенген зоната, туку само да се информираат за ваквата одлука.
Тие додаваат и дека доколку нивната идеја е прифатлива, создавањето на овој „Мини-шенген“ би требало да се договори до почетокот на март, со цел да може да профункционира до стартот на летната туристичка сезона. (МИА)