Денеска во дербито од 21 коло во Првата македонска фудбалска лига, актуелниот шампион Шкендија триумфираше со 1:0 против екипата на Вардар.
Стрелец на единствениот погодок за триумф на тетовските „црвено-црни“ на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје беше Љатифи во 66 минута од натпреварот по асистенцијата на Ибраими.
Прва се закани Шкендија преку Вебстер во текот на првото полувреме, но неговиот удар беше далеку од опасен по голот на Вардар.
Вардар имаше убава можност да дојде до погодок, но не се снајде најдобро Кастанеда, па немаше никакви поголеми проблеми за Гаје.
Шкендија има нова посериозна шанса во следниот напад преку Трумчи кој не излезе како победник во дуелот „еден на еден“ со голманот Талески кој добро интервенираше.
Активен беше и Гаје на спротивната страна кој не дозволи Матиќ да се запише во листата на стрелците.
Тоа е инаку прв пораз за играчите на Вардар оваа сезона во домашниот шампионат.
Фудбалерите на Јетон Беќири кои го запишаа и 16 триумф, се доближија на само „минус еден“ од водечкиот Вардар.
Тимот на Гоце Седлоски е на врвот со 52 бодови, а Шкендија сега има 51.