Во Општина Илинден со засилено темпо продолжуваат инфраструктурните зафати. Со асфалтирање на вториот и завршен слој, улицата „103“ е комплетно завршена и подготвена за користење.
Станува збор за современо изведена улица со должина од 512 метри и широчина од 6 метри, проектирана по највисоки стандарди, со тротоари од двете страни во широчина од по 1,5 метри, што овозможува безбедно и функционално движење на сите учесници во сообраќајот.
Пред асфалтирањето беа реализирани сите неопходни подготвителни активности како прецизно профилирање и трасирање на улицата и темелна
стабилизација на подлогата со соодветна стисливост на тампонскиот слој, гарантирајќи долготрајност и квалитет. Паралелно, беа изведени повеќе приклучоци за фекална канализација и водоснабдување, со што се создадени комплетни инфраструктурни услови за објектите долж улицата.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во изведбата на градежните активности, при што истакна дека уредувањето на локалната патна инфраструктура останува еден од врвните приоритети на локалната самоуправа.
Со оваа инвестиција, Општина Илинден уште еднаш потврдува дека континуирано и посветено работи на изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на улиците во месноста Јака, како и во сите населени места на нејзина територија, обезбедувајќи поквалитетни, побезбедни и современи услови за живот за сите граѓани.