Комитет на Претставничкиот дом на САД гласаше да ја повика главната обвинителка Пам Бонди на испрашување во врска со објавувањето на досиејата поврзани со истрагата за сексуалниот предатор и финансиер Џефри Епстин, јавија синоќа американските медиуми.
Ракувањето со милиони документи поврзани со случајот Епстин во изминатите неколку месрци предизвика критики, јави ДПА, додавајќи дека критичарите наведуваат дека жртвите не биле соодветно заштитени и дека некои чувствителни досиеја подоцна биле отстранети од јавноста.
Одлуката на комитетот ја обврзува Бонди да се појави на сослушување зад затворени врати и да одговори на прашањата на пратениците.
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, исто така, неодамна беа испрашувани од комитетот, потсетува ДПА.
Бонди уште во февруари го бранеше начинот на ракување со досиејата, но призна и грешки, велејќи дека имињата на некои жртви биле објавени случајно пред да бидат редактирани откако проблемот бил означен.
Американското Министерство за правда од средината на декември започна да објавува истражни досиеја поврзани со Епстин. Медиумите, пред се, американските, објавија дека десетици илјади документи подоцна биле отстранети од интернет, пренесува ДПА.
Анализите на „Волстрит џурнал“ и „Си-Би-Ес њуз“ открија дека до крајот на февруари биле отстранети повеќе од 47.000 датотеки, наводно само привремено.
Некои од повлечените документи вклучуваат белешки од интервјуто на Федералното истражно биро (ФБИ) од 2019 година со жена која изјавила дека била злоставувана од Епстин како малолетничка во 1980-тите, а исто така изнесе и обвинувања за сексуално вознемирување против американскиот претседател Доналд Трамп.