Македонија Стратегијата за инклузија на Ромите

МОН: Преку јакнење на образованието на Ромите – ја јакнеме силата на заедницата и нејзината општествена улога

МОН: Преку јакнење на образованието на Ромите – ја јакнеме силата на заедницата и нејзината општествена улога

Со јакнење на образованието на Ромите, ја јакнеме силата на заедницата, а со тоа и нејзината општествена улога. Затоа, Министерството за образование и наука е силно фокусирано на имплементирање на одредбите од Стратегијата за инклузија на Ромите, кои се наша институционална надлежност во насока на обезбедување поквалитетно образование и придонес кон општествена еднаквост и социјална правда.

Ова го истакна државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на презентација на Нацрт извештајот за проценка на имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Роми 2022-2030, што денес се одржа во Владата.

Ивановска посочи дека во изминатиот период, министерството вложи сериозни напори за зголемување на опфатот на ученици Роми во основното, средното и високото образование, за намалување на осипувањето, за повисока стапка на задржување и транзиција од едно образовно ниво во друго и за создавање на поинклузивна училишна средина.

„Преку континуирано зголемување на финансиската поддршка во форма на стипендии, стигнавме до бројка од 1200 стипендии за средношколци и 150 за студенти Роми на годишно ниво. Поддршка е и тоа што средношколците Роми можат да се запишат во посакуваната струка дури и ако имаат до 10% помалку поени од предвидените во конкурсот за упис во средно“, рече Ивановска, додавајќи дека туторството е веќе регулирано законски и дека бројот на ромски образовни медијатори во основното образование е зголемен на 50, а за прв пат годинава ангажирани се и 35 медијатори во средните училишта.

Повеќе институции работеа и на зајакнување на системот на неформално образование кој пак, го наметнува концептот на доживотно учење како формула за континуиран успех и кој го прифатија голем број сограѓани од ромската етничка заедница, со што стануваат видливи и конкурентни на пазарот на труд.

Државниот секретар рече дека решени се и повеќе случаи кои се водеа како обиди за дискриминација и сегрегација на ученици Роми, а преку координиран пристап се зајакнува свеста за негативните последици од вакви постапки, како и за позитивните од градење единство и заеднички живот.

„Извештајот за проценка на имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Роми е исклучително важен и ќе ни помогне објективно да ги согледаме постигнувањата, да ги идентификуваме предизвиците и да ги насочиме идните активности врз основа на докази и препораки. Би рекла, тој е добра алатка за подобрување на инклузивните политики, за унапредување на координацијата меѓу институциите, поголема меѓународна поддршка и уште посилна политичка волја за развој на нови одржливи решенија за интегрирање на Ромите во сите општествени сегменти“, додаде Ивановска.

На настанот се обратија повеќе министри, шведскиот амбасадор н.е. Ола Солстром, претставници на Делегацијата на ЕУ во Скопје, претставници на Обединетите Нации и на граѓански организации.

Најнови вести од Македонија

To top