Граѓаните на Македонија, заедно со најголемиот дел од европските земји, кон крајот на март ќе преминат од зимско на летно сметање на времето. Оваа промена традиционално се случува во последната недела од месецот, кога стрелките на часовникот се поместуваат еден час нанапред.
Официјалното преминување на летното сметање на времето годинава ќе се случи на 29 март во 02:00 часот по полноќ. Во тој момент стрелките ќе се поместат еден час нанапред, односно времето веднаш ќе се смени од 02:00 на 03:00 часот.
Со оваа промена денот ќе стане подолг за еден час, додека ноќта ќе биде пократка. Практично, ќе имаме повеќе дневна светлина во попладневните и вечерните часови, што најчесто се поврзува со зголемена активност на отворено и подобро искористување на природната светлина.
Летното сметање на времето ќе трае до последната недела во октомври, кога повторно ќе следува враќање на стрелките еден час наназад и премин на зимско сметање на времето.
Иако промената изгледа едноставна, експертите потсетуваат дека кај дел од луѓето може привремено да влијае врз биоритамот, сонот и концентрацијата, особено во првите неколку дена по поместувањето на часовникот. Затоа се препорачува постепено прилагодување на распоредот на спиење неколку дена пред самата промена.