Војувањето во 21 век технолошки еволуираше до непрепознатливост. Почнувајќи од хиперсонични платформи и автономни системи до сајбер-инфилтрации во критична инфраструктура и манипулации во информацискиот простор. Но зад дигиталните екрани, податоците и сателитските снимки, основните законитости на моќта, контролата и колапсот на државите остануваат длабоко вкоренети во античката историја и класичната теорија. Иако „алатката“ се менува, она што останува е прашањето како се разградува противничкиот систем така што самиот ќе престане да функционира.
Во ера на инстант одговори диригирани од центри на моќ, на читателот би сакал да му понудам една анализа што има намера да ги надмине дневнополитичките тривијалности и психолошка (на ниво на коцкарска) потреба од што ќе биде следниот потег, анализира проф. д-р Александар Иванов за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Денешната геополитичка арена не е само судир на економии или трка во технологии туку и епски филозофски судир на две спротивни доктрини. Првата може да се нарече стратегија на клинот: директен, концентриран удар во клучниот јазол што го држи системот. Втората, помалку позната за последните векови, е доктрина на водата: тивка асимилација, постепено опколување и создавање зависности – така што победата се случува пред да биде испукан првиот куршум. И ова е во согласност со концептот на Тјен-сја, за што пишував на овие страници во текстот „Либералниот поредок наспроти Тјен-сја: кога квантитетот ќе роди квалитет“ во „Нова Македонија“.
Помеѓу другото, овие две логики не се „запад“ против „исток“ во културолошки роман, туку две различни геометрии на моќта. Едната верува во ампутација: отсечи го врвот и телото ќе падне. Другата верува во инфилтрација: влези во празнините, наполни ги и направи системот да дише преку тебе. Следните делови ја разглобуваат оваа дијалектика преку класичните автори (Александар, Клаузевиц, Сун Цу) и преку современите форми на хибридна моќ (санкции, финанси, сајбер, информации).
Стратегијата на к линот: Клаузевиц и опсесијата со „центаротна гравитација“
Иако Александар Македонски во поп-културата е познат како историска икона, сериозните воени стратези ја проучуваат неговата генијалност како примарен архетип на системски шок. Неговата тактика на пробивање со клин (како кај Гавгамела) одамна ги надмина рамките на маневрите на бојното поле. Денес тој концепт не се гледа само во оклопните единици што пробиваат фронтовски линии туку претставува и фундаментална логика на современите доктрини за „обезглавување“ и брза доминација. Наместо коњаница, модерниот клин користи прецизни проектили или сајбер-удари за да го пробие штитот и да го неутрализира командниот нерв на противникот.
Европа со својата историја на војување претставува плодна почва за развој на стратегиски пристапи. Иако сите го цитираат Макијавели, во оваа смисла добро е да се знае и Карл фон Клаузевиц. Зошто? Затоа што тој ги изработува „акцискиот план“. Имено, западната воена и политичка мисла (во својата доминантна, „оперативна“ варијанта) историски тежнее кон идентификација и уништување на она што Карл фон Клаузевиц го опишува како „центар на гравитација“: јазол што ја генерира кохезијата, слободата на дејство и волјата на противникот. Логиката е интуитивна: ако постои еден центар од кој „се хранат“ другите елементи, тогаш директниот удар врз тој центар е поефикасен од долга војна на исцрпување.
Во класичниот модел, клинот е тактичка форма (клин од елитни единици) и стратегиска намера (скратување на конфликтот со системски шок). Во современи услови, „клинот“ ретко е само кинетички. Тој е пакет: прецизни удари, специјални операции, електронско дејство, сајбер-парализа на командно-комуникациски системи, финансиски санкции и правни инструменти што го изолираат врвот. Целта, сепак, останува иста: да се создаде прекин во командата, криза на легитимитет и распад на лојалноста – таков што системот ќе колабира „одвнатре“ побрзо отколку што може да се реорганизира.
Клаузевиц, меѓутоа, предупредува на две ограничувања што современите планери често ги занемаруваат. Прво, „триењето“: непредвидливите ситни пречки, грешки и човечки фактори што лесното на хартија го прават тешко во реалност. Второ, „маглата на војната“: информациската неизвесност што создава лажни процени за тоа каде е вистинскиот центар. Оттука, клинот може да ја погоди погрешната цел – и наместо колапс, да произведе консолидирање и одмаздничка мобилизација.
Античкиот архетип: Гавгамела и анатомијата на системскиот колапс
Изворниот архетип на клинот често се поврзува со битката кај Гавгамела (331 пр. н.е.). Соочен со бројно супериорен противник, Александар ја избегнува фронталната војна на трошење и создава геометриска празнина во линијата – преку маневар што го „извлекува“ противникот и ја растегнува неговата формација. Во критичниот момент следува концентриран удар (клин) насочен кон врвот на командата.
Суштината на архетипот не е романтиката на коњаницата, туку системската лекција: во силно хиерархиски режими, врховниот лидер често е истовремено команден центар, симбол на легитимитет и психолошки „осигурувач“ на моралот. Кога врвот се повлекува или се неутрализира, не се губи само една фигура – се губи логиката што ги држи преостанатите делови заедно.
Но Александар има уште една предност што модерните актери ретко ја имаат: тој го пополнува вакуумот веднаш. Победата ја претвора во управување. Таа „втора фаза“ – експлоатација и стабилизација – е клучна за да не се претвори колапсот во анархија. Токму тука се појавува модерната дилема: ако клинот создаде празнина, а никој не може (или не сака) да ја пополни, падот може да произведе долг, фрагментиран конфликт наместо брза транзиција. И тоа го видовме можеби најизразено во Ирак и Либија.
Модерниот „економски клин“: санкции, право и психологија на елитите
Во 21 век, клинот често се манифестира како економско-правен пакет. Наместо да се пробива фронт со дивизии, се пробива финансискиот и институционалниот „штит“: замрзнување средства, ограничување пристап до финансиски мрежи, целење на клучни компании и поединци, правни обвиненија и награди што создаваат притисок врз внатрешниот круг. И тоа не е само случај во примерот со изолацијата на Русија во последните 12 години. Ако погледнеме малку подлабоко во историјата, ќе видиме дека и Јапонија беше изолирана од САД пред да избие судирот во Пацификот. И тогаш и сега аналогијата е идентична: на Јапонија ѝ беше пресечен пристапот до енергенти. Во слична ситуација денес се наоѓа Кина.
А самата логика е аналогна на механички закован клин: да се пресече крвотокот со кој лидерството ја купува лојалноста и ја одржува коалицијата на моќ. Санкциите имаат двоен ефект. Материјален: намалување ресурси за „патронажа“ (исплати, увоз, опрема, логистика). Психолошки: создавање сомнеж во елитите и страв дека ќе останат без излез. Погледнете ги средствата што ЕУ ги користи кон Унгарија и Словачка, непослушните.
Но токму тука работи „триењето“. Елитите се адаптивни: создаваат паралелни канали, шеми на посредници, криптофинансии, и надворешни партнери. Дополнително, ако притисокот не нуди „рампа“ за излез (гаранции, амнестија, преговаран пат), елитата може да се „заклучи“ околу лидерството, бидејќи падот значи лична казна. Така, санкциите понекогаш го трансформираат режимот во уште поотпорен безбедносен картел. На пример недостапноста до европски пари ја пренасочи Унгарија во пристап кон кинески пари.
Оттука произлегува важна поука: економскиот клин е ефикасен само ако е дел од поширока политичка архитектура, која истовремено го слабее режимот и создава веродостојна алтернатива што може да ја преземе управата по колапсот.
Доктрината на водата: Сун Цу, „победа без битка“ и тивка парализа
На другата страна од евроазискиот континент низ историјата се развива различен пристап. За разлика од клинот, кој бара драматичен пресек, доктрината на водата се потпира на постепено градење услови во кои противникот ќе се самопарализира. Во духот на Сун Цу, отворената војна е доказ дека претходно не сте успеале да ја обликувате средината.
Клучната идеја е акумулација на „потенцијал“ – создавање стратешка предност низ време. Во кинеската стратегиска традиција често се користи концептот shi (势): распоредување сили, позиции и врски така што исходот станува веројатен и без директен судир.
Оваа филозофска дивергенција најдобро се илустрира преку парадигмите на традиционалните стратешки игри. Стратегијата на клинот е суштински логика на шахот – таа е линеарна, хиерархиска и целосно насочена кон еден фатален удар врз „центарот на гравитација“ (мат на кралот). Доктрината на водата, од друга страна, е логиката на древната кинеска игра Го (Weiqi). Во Го нема крал што треба да се убие. Целта е позиционирање, опколување и преземање на празниот простор. Противникот не се уништува со еден драматичен потег, туку постепено се задушува преку создавање „живи“ мрежи и контрола на територијата, сѐ додека неговиот отпор не стане математички и просторно бесмислен. Во модерната геополитика ова значи тивка контрола на логистичките рути, суровините и технологијата, со што противникот е победен без воопшто да сфати дека битката започнала.
Во современа форма, водата не настапува само преку дипломатија или трговија, туку преку мрежи на зависност: синџири на снабдување, критични суровини, стандарди и платформи, инфраструктурни кредити, технолошки екосистеми и културно-информациски влијанија. Целта не е да се отсече главата, туку да се направи нервниот систем на противникот да функционира преку „надворешни“ јазли. Кога институциите стануваат зависни од вашата логистика, финансии или технологии, тогаш повеќе не ви треба спектакуларна победа – доволно е да ги „промените условите“, а системот сам ќе се престрои.
И токму низ оваа призма можеме да го набљудуваме стратегискиот пристап на НР Кина. Иницијативата „Појас и пат“, производствениот капацитет, технолошкиот развој, но и испреплетеноста на Западот и длабоко интегрираната кинеска економија во светот е токму тоа.
Вакуум наспроти асимилација
Она што суштински ги раздвојува клинот и водата не е само начинот на победа туку и последицата од триумфот. Клинот создава брз прекин и често драматичен медиумски момент, но неговата најголема слабост е вакуумот. Кога се урива врвот или се парализира командата, останува прашањето кој ја презема одговорноста за редот, за јавните услуги, за економијата и за легитимитетот. Без одговор, системот може да се распадне во фракции, да се појават паралелни центри и да се отвори простор за долготрајна нестабилност.
И можеби се сеќавате на едно од најгледаните видеа на Брус Ли – „Be like water my friend“, „ако ја ставиш водата во чаша, таа станува чаша“… Имено, водата, тежнее да не создава вакуум. Таа „пополнува“ празнини однапред: врзува институции, елити и сектори во мрежи на зависност и поттикнува постепена промена на приоритети. Кога конечно се случува политички пресврт, тој често изгледа како административна корекција, а не како колапс. Ова ја намалува веројатноста за анархија – но ја зголемува веројатноста за долгорочна стратешка загуба што се препознава доцна.
Историскиот тест, затоа, не е „кој победува побрзо“, туку „кој управува со последиците поефикасно“. Клаузевицовата поука дека војната е продолжение на политиката со други средства тука станува практична мерка: ако политичката цел не е јасна и остварлива, клинот може да стане скапа интермедија. И обратно, ако водата не успее да ги зачува невидливоста и постепеноста, целта може да се мобилизира, да диверзифицира и да ја прекине зависноста пред да стане неповратна.
Не постојат еднострани стратегии
Во пракса, современите стратегии ретко се чисти. Големите сили често комбинираат елементи од двете логики. „Водата“ може да создаде услови за „клин“: долгорочно разлабавување сојузи, економско врзување и когнитивна ерозија што ја прават целта ранлива на краток шок. „Клинот“ пак може да биде користен како принуда што го забрзува прифаќањето нови зависности и нови правила.
Хибридниот пристап на стратегиите во комбинација со средствата што стојат на располагање создава нови дилеми за отпорност. Одбраната не е само војска или ПВО. Тоа е и диверзификација на снабдување, транспарентност на финансиските текови, сајбер-состојбите во критичната инфраструктура, медиумска писменост и институционална доверба. Кога институциите се кревки, и клинот и водата полесно наоѓаат „врата“.
Во архитектурата на новиот светски поредок, стратегијата на клинот останува една од најсмртоносните техники за брзо нарушување на противнички систем: удар во јадрото, политички шок и потенцијален колапс. Но истовремено, доктрината на водата се покажува како една од најефикасните техники за долгорочно ограничување на суверенитет: постепено опколување, зависности и тивка промена на изборите.
Ако клинот е уметност на „убиство“ (брзо уривање), водата е уметност на „заробување“ (бавна контрола). И двата модела имаат цена и ризик. Клинот ризикува анархија; водата ризикува бавна, но длабока ерозија што доаѓа како административен факт. За малите и средните држави, клучот е отпорност: градење институции што можат да преживеат шок, но и да препознаат зависности додека сè уште можат да се променат. Во практична, геополитичка смисла, ова значи напуштање на илузијата за трајна удобност под еден безбедносен чадор и преминување кон активно стратешко балансирање. Тоа подразбира водење мултивекторска дипломатија, ригорозна заштита на критичната национална инфраструктура (енергетика, телекомуникации, транспорт) од монополско странско влијание и градење длабока општествена доверба. Само држава што цврсто ги контролира сопствените внатрешни „празнини“ може да спречи тие да бидат насилно пробиени од клинот или тивко пополнети од водата.
Автор: проф. д-р Александар Иванов
