Свет Украина

(ВИДЕО) Зеленски: Орбан ја отфрли понудата на Хрватска за испорака на нафта

Претходно, унгарскиот премиер Виктор Орбан испрати отворено писмо до претседателот Зеленски, барајќи итно повторно отворање на нафтоводот.

(ВИДЕО) Зеленски: Орбан ја отфрли понудата на Хрватска за испорака на нафта

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Унгарија ја отфрлила понудата на Хрватска за испорака на нафта бидејќи не ѝ се допаѓала цената.

Зеленски рече дека бил свесен за фактот дека Хрватска ѝ понудила на Унгарија потребни количества нафта, но дека унгарската Влада го отфрлила тој предлог, пишува Укринформ.

„Се сретнав со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој ми потврди дека Хрватска е подготвена да ги обезбеди потребните годишни количества нафта за Словачка и Унгарија. Тој рече дека Орбан едноставно не сака да ја купи таа нафта“, рече Зеленски како одговор на прашањата од новинарите.

Според него, причината е чисто финансиска. „Тука зборуваме за европската цена, а таму зборуваме за руската цена. Тоа е сè. Со други зборови, некој заработува од тоа. Јасно е кој“, додаде украинскиот претседател.

Оваа изјава доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Киев и Будимпешта околу нафтоводот „Дружба“, клучен за снабдувањето на Унгарија, кој беше оштетен во руските напади.

Претходно, унгарскиот премиер Виктор Орбан испрати отворено писмо до претседателот Зеленски, барајќи итно повторно отворање на нафтоводот.

Поради ова, украинското Министерство за надворешни работи двапати го покани унгарскиот вршител на должноста амбасадор да зборува, обвинувајќи ја Будимпешта за искривување на украинската позиција и изнесување лажни обвинувања против Украина.

Нафтоводот „Дружба“, што се користеше за испорака на руска нафта во Унгарија и Словачка, беше оштетен на 27 јануари, кога руските сили ја погодија енергетската инфраструктура во регионот Лавов со беспилотно летало. Украински „Нафтогас“ го потврди нападот, наведувајќи дека тоа е 15-ти напад врз нивните објекти за еден месец, но не прецизираше што точно е погодено.

Шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха, ја потсети Унгарија дека проблемите со транзитот на нафта се предизвикани од руската агресија и нападите врз инфраструктурата, на кои Будимпешта не реагираше јавно. Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет Антанио Коста и Зеленски се согласија дека Украина ќе го процени времето потребно за поправка на нафтоводот.

Унгарија, од своја страна, го суспендираше извозот на дизел гориво во Украина додека не се обнови транзитот на нафта преку нафтоводот „Дружба“. Таа, исто така, објави дека размислува за суспендирање на извозот на електрична енергија и гас доколку Киев не обезбеди континуирани испораки на руска нафта.

To top