Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска изјави дека коментарите дадени неколку часа претходно од американскиот државен секретар Марко Рубио покажале дека САД „влегле во војна по сопствен избор во име на Израел“.
Рубио синоќа рече дека нападите на Вашингтон врз Иран се проактивна мерка за сопствена заштита на САД пред „неминовна закана“.
– Знаевме дека ќе има израелска акција. Знаевме дека тоа ќе предизвика напад врз американските сили и знаевме дека ако не тргнеме превентивно по нив пред тие да ги почнат тие напади, ќе претрпиме поголеми жртви-, рече Рубио, додавајќи: „Ова мораше да се случи, без разлика на сè“.
– Рубио го призна она што сите го знаевме: САД влегоа во војна по сопствен избор во име на Израел. Никогаш немало никаква таканаречена иранска „закана“, изјави Арагчи додавајќи дека според тоа, „пролевањето и на американската и на иранската крв“ е на товар на Израел.
„Американскиот народ заслужува подобро и треба да си ја врати својата земја“, продолжи иранскиот министер во објава на Х.
САД и Израел во саботата почнаа офанзива од големи размери против Иран, предизвикувајќи регионална ескалација во која Техеран лансира ракети кон американските бази во неколку заливски држави.