Македонија колумна на венко андоновски

Изгубената невиност на прашањето

Сè помалку има вакви прашања, па прашањето како форма на говорен чин исчезнува. Веќе не застануваме со автомобил да прашаме каде е некоја улица: дигиталните мапи нè водат до саканата „дестинација“ без да контактираме со човек. Нашите деца, кога нешто не им е јасно, не ги прашуваат ни учителите ни родителите, туку прашањата ѝ ги поставуваат на вештачката интелигенција. Главно, машините одговараат на прашања, луѓето сè помалку. Стануваме кибернетичка заедница, во која прашањата ја губат и својата човекова, емотивна суштина.

Изгубената невиност на прашањето

Една од вредностите на вчерашниот изумрен свет, која сè поретко се сретнува, е прашањето. Мислам на вистинското прашање, она невиното, кое се јавува во три вида: 1. сака да дознае нешто (прашање на дете или на залутан патник): 2. да поттикне на размислување (прашање на вистински професор) и 3. да оствари емотивен однос со прашаниот (прашања за зближување). Сè помалку има вакви прашања, па прашањето како форма на говорен чин исчезнува. Веќе не застануваме со автомобил да прашаме каде е некоја улица: дигиталните мапи нè водат до саканата „дестинација“ без да контактираме со човек. Нашите деца, кога нешто не им е јасно, не ги прашуваат ни учителите ни родителите, туку прашањата ѝ ги поставуваат на вештачката интелигенција. Главно, машините одговараат на прашања, луѓето сè помалку. Стануваме кибернетичка заедница, во која прашањата ја губат и својата човекова, емотивна суштина, пишува Венко Андоновски за НОВА МАКЕДОНИЈА. Прашањата (тоа комуниколозите го знаат) не служат само за да се добие информација, туку имаат и емотивна вредност. Ако прашањето „колку е часот?“ ѝ го поставам на девојка што ми се допаѓа, а не се знаеме, тоа не значи „колку е часот?“, туку значи желба за запознавање. Постојат милијарда прашања што можат да ѝ се постават на машината АИ и таа да даде проверен одговор. Но постојат и прашања што можат да им се постават само на луѓе, а од чиј одговор зависи односот меѓу две личности. На пример, прашањето „ме сакаш ли?“ е прашање на кое машината, дури и да даде позитивен одговор, не раѓа никаков чувствен однос меѓу прашувачот и прашаниот.

Но и кога човек прашува човек, денес, прашањето најчесто не е невино прашање. Новинарите им поставуваат на гостите во своите (особено политички) емисии реторички прашања, кои веќе подразбираат што треба да одговори прашаниот: најчесто „па, да“ или „не“. А кога двајца политичари „дебатираат“, речиси воопшто и не си поставуваат прашања, туку се служат со констативи, и тоа обично боцкави. Тоа се наводно „факти“ околу кои нема разговор, кои не СМЕАТ да се доведат ВО ПРАШАЊЕ. Велат: „Вие сторивте дела на штета на државата“, а не: „Дали вие го сторивте тоа и – зошто“? Со други зборови, во прашањата што си ги поставуваат луѓето веќе постои и одговор, што е знак на тоталитарен дискурс.
Без прашање – нема Платонов дијалог, а без дијалог нема размислување. Минатата колумна напишав: Конфуциј велеше дека учењето без размислување е бесполезно, а размислувањето без учење е опасно. Точно е, но размислувањето воопшто не може да почне без прашање. И тоа – невино прашање, такво што нема никаков ИНТЕРЕС од одговорот што ќе биде даден. Такви невини прашања, кои ги интересира само ВИСТИНАТА, си поставуваат јунаците на Платоновите дијалози, зашто сакаат да знаат што е точно, а што не е, и затоа што не се припадници на ниедна политичка партија, која однапред има изградено хоризонт на очекуваната „вистина“. До вистината во тие дијалози СЕ ДОАЃА. Таа не се БРАНИ (како однапред поставена), каков што е случајот денес. И кога денес демократијата на сите ѕвона удира и бара „дијалог, дијалог, дијалог“, тоа се само флоскули, зашто секоја страна во таквиот псевдодијалог има однапред поставена вистина што треба да се брани.

Второ нешто што ми паѓа во очи околу прашањата во некогашниот и сегашниот свет е тоа што денес прашуваат само УЧЕНИЦИТЕ, а не УЧИТЕЛИТЕ. Ако се договориме дека ученикот е тој што помалку знае, а учителот – повеќе, тогаш тоа изгледа нормално и природно. И ние, од вчерашниот свет, ги прашувавме учителите кога нешто не знаевме. Но мене ми се чини дека денес исчезна она другото, МНОГУ ПОВАЖНО прашување: кога оној што знае повеќе го прашува оној што знае помалку. И тоа не за да го „испраша“ и оцени, туку да го натера да размислува и преку размислувањето да учи. Како се случува таквото учење СО ПРАШУВАЊЕ што тера на размислување?

Па, тоа оди така што учителот му поставува прашања на ученикот, ама не за она што ученикот веќе го знае, туку за она што НЕ ГО ЗНАЕ. Кога би поставувал прашања за она што веќе на ученикот му било „предавано“, тоа би било проверка на знаењето. Но сосема поинаква ситуација настанува кога наставникот почнува да го прашува ученикот од „непредадена лекција“. Со тоа го поттикнува да размислува и да дојде до истите сознанија што се запишани во таа следна „лекција“. Сум го правел тоа редовно со своите студенти и сум добивал одлични резултати. Сум ги терал да размислуваат и логично и креативно над непознатата тема, ама сум ги водел со ТОЧНИ и ОДНАПРЕД ПОДГОТВЕНИ прашања, за да не залутаат и да не дојдат до погрешни одговори. Еве, да дадам пример.

Кога предавав семиотика, кога ќе дојдев до „лекцијата“ за просторна семиотика (проксемика) и за значењата на просторот како знак, јас можев едноставно да им го предадам на студентите материјалот од книгите на Никола Рот и Едвард Хол, за психолошката вредност на просторните односи. Но јас им ги предавав тие содржини со поставување прашања. На пример, сознанието дека просторната опозиција високо/ниско има и теолошки и идеолошки значења: високото е Бог и затоа е на небо, ниското е човек и затоа е на земја; високото е крал и затоа е на престол, а ниското е роб и затоа е на колена пред престолот. Е тоа сознание им го преподавав со барање одговор на следново прашање: „Зошто катедралите и соборните православни цркви имаат многу високи куполи на кои е нацртан Седржителот, за разлика од манастирите со монаси, каде што сводовите се ниски?“ Одговорите бараа размислување, па гласеа: „Затоа што обичниот човек треба да се почувствува мал и грешен пред Бога кога влегува во соборен храм или катедрала, а монахот, кој веќе живее според строгите правила на подвигот, треба да се охрабри дека Христос е речиси на дофат од неговата раката, нацртан во куполата“. Или, кога ќе прашав – што значи кога некој директор ќе избере долга правоаголна канцеларија со килим од 10 метри, кои треба да се изодат додека се стигне до неговото биро, а што кога ќе избере мала и квадратна, во која столчињата за гостите се на само метар од неговото биро“, одговорите гласеа: „Првиот директор очигледно е суетен и демонстрира моќ, зашто сака да ви покаже дека ТЕШКО се стигнува до него, а вториот е народен човек, кој најверојатно и не седи зад своето биро, туку на масата за состаноци, со гостите“. Така, моите студенти самите, водени од моите прашања, доаѓаа до истите сознанија за значењата на просторот до кои дошле и Никола Рот и Едвард Хол. Горд сум на тоа. Дури потоа им ги покажував книгите во кои стоеја истите сознанија до кои доаѓаа и самите тие, водени од моите прашања. Така и кај нив растеа самодовербата и убедувањето дека не заостануваат според своите мисловни способности зад такви крупни авторитети.

Но таквиот пристап подразбира даскалот да биде не само запознаен со содржината на книгите „што ги предава“ туку и да ги преведе научните сознанија од тие книги во – точни и инспиративни за размислувања ПРАШАЊА, честопати илустрирани со сликовити примери од денешницава. Тоа е вистинско учење, со размислување. Ама за тоа е потребен екстра подготвен професор што ПРАШУВА, а не ИСПРАШУВА.
Од кого го научив овој метод? Од мојот наставник по биологија во основно училиште, Душко Цветковски. Ја засакав биологијата поради неговите прашања. Тоа значи – учењето со размислување постоеше во стариот изумрен свет. Постои сигурно и денес, ама вистинските прашања сè поретко се слушаат во училница, на дебата, по медиуми или некаде јавно. Веројатно самите си ги поставуваме во главите, како да немаме жив човек за соговорник. Па и немаме.

 

Венко Андоновски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од Македонија

To top