Министерството за финансии со поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка продолжува да ја унапредува енергетската ефикасност во јавните здравствени установи и болници, реализирајќи значајни инвестиции во подобрување на енергетските перформанси на јавните здравствени установи и болници, се наведува во соопштението од Министерство за финансии.
Проектот за енергетска ефиканост во јавниот сектор се имплементира преку Проектната единица при Министерството за финансии и преку компонетата „Инвестиции во енергетска ефикасност во објектите од централната власт, односно во здравствените установи и регионалните болници“ со вкупна вредност од 9,21 милион евра се обезбедува финансиска поддршка за реализација на проекти за реконструкција на здравствените установи и регионални болници со мерки за енергетска ефикасност.
Во овој циклус успешно се реализирани енергетски ефикасни реконструкции на 15 јавно-здравствени установи низ државата со што се обезбедени подобри услови во здравствениот сектор, а истовремено се обезбедени долгорочни заштеди на енергија.
Реализацијата на овие инвестиции во здравствените установи придонесуваат кон постигнување на заштеди преку намалување на потрошувачката на енергија, намалување на оперативните трошоци на установите и се обезбедуваат поквалитетни услови како за пациентите, така и за вработените во истите.
Министерството за финансии останува посветено на обезбедување стабилна финансиска поддршка и партнерства што носат долгорочни придобивки за заедницата, поттикнувајќи енергетска ефикасност, фискална одговорност и одржлив економски развој.